Скопје, 25.10.2001 година
Соопштение на НБРМ
Усвоени извештаите за монетарната, девизната и супервизорската активност на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2001-та година
На 25.10.2001 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата XCI-а седница, на која се разгледаа и усвоија повеќе извештаи и одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои Полугодишниот извештај на Банката за првата половина од 2001-та година. Притоа, беше констатирано дека, политичко-безбедносната криза која отпочна од средината на февруари 2001 година, условена од воените настани во северозападниот дел на Република Македонија, се одрази неповолно врз макроекономските остварувања во периодот јануари-јуни 2001 година. Така, во првата половина од 2001 година беше регистриран пад на индустриското производство; намален број на вработени лица; пад на јавните приходи и зголемување на јавните расходи; намалување на стоковната размена со странство итн. Народна банка на Република Македонија и во ваквите сложени услови за водење на монетарната и девизната политика, ја задржа цврстата определба за исполнување на својата уставна и законска должност - одржување на стабилен девизен курс на денарот, како основно номинално сидро во економијата, а со тоа, одржување на ценовната стабилност во економијата, како потврден, најдобар амбиент за остварување на економските активности. Притоа, просечната стапка на инфлацијата во периодот јануари-јуни 2001 година се задржа на ниско едноцифрено ниво и изнесуваше 6%. И покрај појавените осцилации на движењето на курсот на денарот во времето на најинтензивните воени случувања во земјата, сепак, Народна банка на Република Македонија успеа да ја сочува стабилноста на курсот на денарот.
Доминантна карактеристика на првата половина од 2001 година во фискалната сфера е значителното намалување на приходите, при истовремен интензивен пораст на расходите на буџетот. Поради тоа, од голема важност беше координацијата на монетарната и фискалната политика и цврстата определба за одбрана на девизниот курс на денарот во однос на германската марка, со цел сузбивање на инфлаторните очекувања и оневозможување на инфлаторната спирала девизен курс-цени. Во финансиската сфера, воената криза во Република Македонија се рефлектираше преку одржување на високо ниво на готови пари во оптек и повлекување на депозити од банкарскиот систем, главно под влијание на психолошките фактори. Така, вкупните депозити на недржавниот сектор се намалени за 1.822 милиони денари. Во овој период, на девизниот пазар постоеше континуирано повисока побарувачка за девизи од понудата, предизвикувајќи притисок за депресијација на денарот во однос на германската марка. Затоа, во сите шест месеци, Народна банка на Република Македонија интервенираше на девизниот пазар со нето продажба на девизи. Исто така, Народна банка на Република Македонија интервенираше и на страната на побарувачката на девизниот пазар, со превземање на соодветни мерки на монетарната политика. И покрај драстичното намалување на влезот на странски капитал во земјата поради воените случувања, сепак, во овој период, Република Македонија успеа редовно да го извршува сервисирањето на надворешниот долг.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2001 година. Во извршувањето на супервизорската функција во првото полугодие од 2001 година, Централната банка ги превзеде следните активности.
-Натамошно унапредување на регулативната рамка на банкарската супервизија;
-Интензивни активности во спроведувањето на функцијата на лиценцирање;
-Перманентен вонтеренски и теренски надзор на работењето на банките и штедилниците и следствено на тоа преземање на корективни мерки спрема оние институции кај кои се констатирани одредени неусогласености и неуредности во работењето;
-Активности во правец на унапредување на соработката на Народна банка на Република Македонија со супервизорски органи од други земји.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе и повеќе одлуки кои значат усогласување со новата законска регулатива.
Кабинет на гувернерот