Денес Советот на Народната банка на Република Македонија ја одржа својата IV седница. На седницата беа разгледани повеќе прашања.
Скопје, 25.03.2010 година
Денес Советот на Народната банка на Република Македонија ја одржа својата IV седница. На седницата беа разгледани повеќе прашања.
Советот ја разгледа Месечната информација 02/2010 година. Од информацијата може да се заклучи дека динамиката на главните макроекономски показатели главно е во согласност со проекциите на НБРМ. Ваквата оцена произлегува главно од продолжувањето на позитивните движења на девизниот пазар и динамиката на девизните резерви. Имено, од почетокот на годината досега, девизните резерви, иако незначително, сепак бележат пораст. Позитивните движења на девизниот пазар и на девизните резерви се во согласност со последните податоци за надворешната трговија (намалување на трговскиот дефицит во јануари за 39,2% на годишна основа) и за менувачкиот пазар. Всушност, овие сегменти укажуваат на помала увозна побарувачка од проектираната и подобри остварувања кај приватните трансфери. Со тоа, трендовите во надворешниот сектор се релативно подобри, во споредба со проектираните, овозможувајќи поповолни услови за спроведување на монетарната политика. Од тие причини, НБРМ донесе одлука за намалување на каматната стапка на благајничките записи за 1 процентен поен, од 7,5% на 6,5%. Со ова, се намалува и каматната стапка на кредитите одобрени преку ноќ (ломбардните кредити) од 9% на 8%.
Сепак, и покрај засега подобрите остварувања во однос на оцените и со тоа, поголемиот капацитет на монетарната политика за амортизирање на евентуалните неповолни шокови, ризиците околу идните движења во надворешниот сектор и понатаму се присутни. Присутната неизвесност околу одржливоста на тековното закрепнување на глобалната економија создава неизвесност и во врска со очекуваното закрепнување на извозот, и околу големината на капиталните приливи во домашната економија. Од друга страна, присутни се ризици и во поглед на оцените за умерено закрепнување на домашната побарувачка, што заедно со можниот послаб извоз, може да доведе до помала увозна побарувачка. Оттука, идните изгледи за надворешниот сектор, иако се главно подобри, с? уште се проследени со ризици и наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на движењата.
Советот го разгледа и го усвои Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви во 2009 година. Управувањето со девизните резерви во 2009 година се одвиваше во услови на продлабочување на финансиската криза, намалена ликвидност и солвентност на финансиските институции во светот и пад на приносите на меѓународните пазари. Дополнителен предизвик при управувањето со девизните резерви претставуваа и движењата на домашниот девизен пазар, коишто во првата половина од годината наметнаа потреба од интервенции на Народната банка во насока на продажба на девизи, заради одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот.
Во вакви околности, при управувањето со девизните резерви, Народната банка ги задржа инвестициите во висококвалитетни државни хартии од вредност, со што беше овозможено оптимално балансирање помеѓу сигурноста и ликвидноста на инвестициите. Сигурноста беше обезбедена преку инвестирање на девизните резерви во хартии од вредност емитирани од држави со највисоки кредитни оцени и прудентни макроекономски политики. Ликвидноста на девизните резерви се обезбедуваше преку инвестирање во хартии од вредност за кои постои висока побарувачка на секундарните пазари, што овозможува нивна евентуална брза конверзија во најликвидни средства.
Резултатите од инвестирањето на девизните резерви беа под влијание на движењето на приносите на финансиските инструменти на пазарите во Европа и САД, коишто во текот на 2009 година се одржуваа на историски најниското ниво. Во такви услови, Народната банка оствари соодветна профитабилност, при што остварените стапки на поврат на инвестициските портфолија беа релативно повисоки во однос на резултатите на референтните пазарни индекси. Приходите од инвестирањето на девизните резерви остварени во текот на 2009 година изнесуваа 23,7 милиони евра.
Советот, на денешната седница, го усвои Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2009 година. Во овој период беа извршени вкупно шеснаесет ревизии, од кои петнаесет редовни ревизии и една вонредна ревизија во рамки на техничката соработка со експерти од Холандската централна банка, како и планираните активности во врска со следењето на дадените препораки. Советот утврди дека во 2009 година, Програмата за работа на внатрешната ревизија беше во целост остварена.
Советот ја донесе и Политиката за управување со ризиците во Народната банка. Донесувањето на Политиката за управување со ризиците на Народната банка произлезе од потребата за подобрување на ефикасноста и ефективноста на процесот на управување со ризиците, преку примена на најдобрите практики. Со оваа политика се воведува интегрирана рамка за управување со ризиците, меѓународно прифатен модел познат под називот КОСО ЕРМ (Committee of Sponsoring Organizations of the Treadway Commission - COSO, Enterprise Risk Management - Integrated Framework). Со примената на овој модел се дефинираат основните цели и компоненти на процесот на управување со ризиците, вклучувајќи го и начинот на кој ризиците треба да бидат идентификувани, оценети, управувани и контролирани, за да се избегне и да се намали нивното неповолно влијание врз остварувањето на стратегијата и целите на Народната банка.