Денес Советот на Народната банка на Република Македонија ја одржа својата III седница. На седницата беа разгледани повеќе прашања.
Скопје, 25.02.2010 година
Денес Советот на Народната банка на Република Македонија ја одржа својата III седница. На седницата беа разгледани повеќе прашања.
Притоа, Советот ги усвои годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2009 година и Извештајот на независниот ревизор „ПрајсвотерхаусКуперс Ревизија“ ДОО Скопје за финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија за 2009 година. Според мислењето на независниот ревизор, финансиските извештаи на НБРМ за 2009 година даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба, финансиската успешност и паричните текови во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Советот, исто така, ги разгледа Информацијата за реализација на Финансискиот план и Информацијата за исполнување на Планот за инвестиции во основни средства на Народната банка на Република Македонија за 2009 година.
На денешната седница Советот беше информиран и за макроекономските движења презентирани во најновата Месечна информација (02/2010). Во информацијата е констатирано продолжување на релативно поволните движења на девизниот пазар, за што говори и реализираниот нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Бруто девизните резерви со состојба на 31.01.2010 година изнесуваа 1.619,7 милиони евра и во однос на крајот на 2009 година се повисоки за 22,2 милиони евра. Последните расположливи податоци од надворешниот сектор покажуваат намалување на трговскиот дефицит, што заедно со повисоките приливи врз основа на приватните трансфери и пониските нето-одливи од доходот споредено со претходната година, придонесоа за стеснување на дефицитот во тековната сметка. Во периодот јануари - ноември 2009 година дефицитот во тековната сметка изнесува 6,7% од БДП, наспроти 11,3% во истиот период од претходната година. Јазот во тековната сметка во целост беше покриен од нето-приливите на капиталната и финансиската сметка. Податоците за декември 2009 година покажуваат стеснување на трговскиот дефицит (за 5,2% на годишна основа) и поволна динамика на менувачкиот пазар. Сепак, иако генерално подобри, изгледите за надворешниот сектор и натаму се пропратени со ризици (неизвесност околу очекуваното ревитализирање на извозот и големината на капиталните приливи во домашната економија), што наметнува потреба од внимателно следење на тековите и прудентно однесување на економските политики. Од аспект на економската активност, во декември 2009 година, индустриското производство повторно забележа месечен раст (од 6,6%), со што падот кај производството во индустријата за целата 2009 година се сведе на 7,7%. Остварувањата кај останатите сектори од економијата (трговија, градежништво и телекомуникации) се влошени во ноември 2009 година во однос на претходниот месец. Сепак, анализирано во однос на истиот месец во претходната година е, забележано благо подобрување. Според најновите податоци за инфлацијата, трендот на пораст на потрошувачките цени присутен во изминатите два месеца продолжи и во првиот месец на 2010 година. Во однос на декември тие се повисоки за 0,7%, а во однос на истиот месец од минатата година за 0,1%. Податоците за банкарскиот сектор од јануари 2010 година покажуваат дека продолжи трендот на месечен пораст на кредитите отпочнат во последниот квартал на 2009 година при регистриран годишен раст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор од 3,1%. На овие движење на кредитниот пазар влијаеја и поволните движења кај депозитната база, при регистриран годишен раст на вкупните депозити од 8,8% (наспроти 7,1% и 7,2%, во декември и ноември 2009 година, соодветно).