Скопје, 25.02.2000 година
Соопштение на НБРМ
ЗА ПОСЕТАТА НА ГУВЕРНЕРОТ НА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА НА ГРЦИЈА Г-ДИН ЛУКАС ПАПАДЕМОС НА НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Од 24 до 26 февруари 2000 година, на покана на гувернерот Трпески во посета на Народна банка на Република Македонија претстојува гувернерот на Централната банка на Грција, г-дин Лукас Пападемос. Причина за посетата на г-динот Пападемос на Народна банка на Република Македонија е постојаниот подем на економските и политичките односи помеѓу Република Грција и Република Македонија во последните неколку години.
Имено, Република Грција е трет најзначаен трговски партнер на Република Македонија со учество во вкупната надворешнотрговска размена од 8,3%. Иако, засега извозот на македонски стоки во Грција е двојно понизок од увозот на грчки производи, што е нормално со оглед на степенот на развиеност на двете економии, со приближувањето на Република Македонија кон европските интеграции и со забрзувањето на процесот на транзиција, се очекува повоедначени односи во размената и зголемување на квантитетот на надворешнотрговската размена помеѓу двете соседни земји.
Воедно, инвеститорите од Република Грција имаат водечка позиција во досегашниот прилив на странски инвестиции во Република Македонија. Тие се присутни во тутунската, текстилната, прехрамбената индустрија, но што е посебно значајно, од поново време и во банкарската индустрија. Се очекува влезот на грчкиот капитал и експертизата во македонскиот банкарски систем да предизвикаат зголемена конкуренцијата, влез на нови и модерни банкарски продукти и генератор за акцелерација на реформите во банкарството.
На заедничките средби двајцата гувернери заклучија дека, имајќи го во предвид влезот на грчките банки во банкарскиот систем на Република Македонија, да ја зајакнат соработката особено во доменот на супервизијата преку контрола на странските банки присутни на териториите на двете земји и размена на податоци за состојбата на банкарските системи. Гувернерите изразија спремност за соработка и размена на податоци на полето на платно-билансната статистика. Воедно, имајќи го во предвид започнатиот процес на асоцирање и членство на Република Македонија во Европската Унија, Централната банка на Грција изрази спремност за соработка и помош во усогласувањето на македонската банкарска регулатива со постојните европски банкарски регулативи.
И двајцата гувернери се согласија да помогнат во забрзувањето на реализацијата на финансиските средства наменети за помош и реконструкција на земјите во регионот одобрени од Владата на Република Грција за периодот 2000 - 2004 година.
За време на неговата посета на Република Македонија, гувернерот Пападемос, беше примен и од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Љубчо Георгиевски, претседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Саво Климовски и министерот за финансии, г-дин Никола Груевски.
Кабинет на гувернерот