Скопје, 25.01.2000 година
ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЕВРОПСКАТА БАНКА ЗА ОБНОВА И РАЗВОЈ ВО ПОСЕТА НА НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Во текот на денешниот ден гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г-дин Љубе Трпески оствари средба со Претседателот на Европската банка за обнова и развој, г-дин Хорст Кохлер. На средбата гувернерот Трпески и Претседателот Кохлер разменија мислење за макроекономската состојба во Република Македонија и присутноста на Европската банка за обнова и развој во Република Македонија. Во поглед на макроекономската состојба, Претседателот Кохлер изрази висок респект од постигнатата макроекономска стабилност во Република Македонија, посебно потенцирајќи ја стабилноста на цените и девизниот курс.
На состанокот, Претседателот Кохлер ја презентираше стратегијата на ЕБРД за Република Македонија која делува на три пункта и тоа: развој на приватниот сектор, зајакнување на финансискиот сектор и инвестирање во клучни проекти од областа на инфраструктурата. Притоа, беше констатирано дека заклучно со 1999 година, Европската банка за обнова и развој има инвестирано во 12 проекти во Република Македонија со вкупна вредност од 172,4 милиони ЕВРА, од кои седум проекти се во приватниот сектор.
Во доменот на малите и средни претпијатија, Претседателот Кохлер ја промовираше идејата за создавање на банка чија основна дејности би била финансирање на микро бизнисот во Република Македонија. Гувернерот Трпески ја поздрави оваа иницијатива и предложи истата да се реализира во соработка со афилијацијата на Светската банка задолжена за развој на приватниот сектор, Меѓународната Финансиска Корпорација (IFC), имајќи предвид дека и ова институција предложи реализација на иста ваква идеја. Во доменот на финансискиот сектор, гувернерот Трпески ја поддржа заложбата на ЕБРД за подобрување на конкурентоноста во финансискиот сектор преку создавање на подиверзифицирана законска рамка која освен основање на разновнидни финансиски институции (инвестициони и заеднички фондови), ќе овозможи и зголемување на делокругот на работење на постојните финансиски институции и тоа во доменот на лизингот и осигурувањето. Воедно, гувернерот Трпески истакна дека конкурентноста во банкарскиот сектор очекува да се подобри по две основи и тоа: преку спојување и припојување на домашните банки и преку влез на странски стратешки инвеститори, при што и двата процеси во крајна линија ќе треба да детерминираат поширока лепеза и поефтини финансиски услуги.
Претседателот на ЕБРД и гувернерот на НБРМ се договорија високиот стен на соработка меѓу двете институции да продолжи и во текот на 2000 година, кога Републиката се очекува да ја посетат специјализирани тимови од ЕБРД во доменот на финансиите и финансирањето на развојот на малите и средни претпријатија.