Советот го усвои Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2009 година. Во третиот квартал од 2009 година, бројот на банките остана непроменет, додека бројот на штедилниците се намали за една, така што на 30.09.2009 година, банкарскиот систем го сочинуваат осумнаесет банки и десет штедилници. Во третото тримесечје од 2009 година, активностите на банките во Република Македонија беа под влијание на постепеното стабилизирање на тековите во глобалната и домашната економија, намаленото влијание на психолошките притисоци во донесувањето на одлуките од страна на економските субјекти, како и натамошното усогласување на банките со макропрудентните мерки преземени од страна на НБРМ. Во такви услови, вкупната актива на банкарскиот систем, како и на депозитите на нефинансиските субјекти продолжи постепено да се зголемува, како тренд којшто започна кон крајот на првото полугодие од 2009 година. На 30.09.2009 година, вкупната актива на банкарскиот систем достигна износ од 256.979 милиони денари, што претставува квартален пораст од 3,5%. Оваа стапка на раст упатува на забрзување на растот на активата на банките во однос на 30.06.2009 година, кога таа растеше со квартална стапка од 0,6%. Главниот двигател за зголемувањето на банкарските активности беа депозитите на нефинансиските субјекти, чијашто квартална стапка е позитивна втор квартал по ред и изнесува 4,3%. На 30.09.2009 година, вкупните депозити од нефинансиските лица изнесуваат 184.220 милиони денари. Трендот на валутна трансформација на депозитите, во корист на депозитите во девизи, продолжи и во третиот квартал од 2009 година.
Во третото тримесечје од 2009 година се забележува одредено стабилизирање на кредитната активност на банките. Вкупните кредити на нефинансиските лица бележат намалување од само 0,05% во однос на јуни 2009 година (наспроти кварталниот пад од 0,6% на 30.06.2009 година). И покрај зголемената внимателност во вршењето на кредитната активност од страна на банките, сепак дојде до одредено влошување на квалитетот на кредитното портфолио, што е одраз на отежнатите услови за работа на домашните кредитокорисници, но и на засилувањето на процесот на т.н. „зреење" на кредитното портфолио. На 30.09.2009 година, вкупната изложеност класифицирана во категориите коишто означуваат повисок ризик (категориите на ризик „В", „Г" и „Д") се зголеми за 10% на квартална основа. Притоа, учеството на оваа изложеност во вкупната изложеност на банките на кредитен ризик изнесува 8,2% и бележи квартално зголемување за 0,6 проценти поени. Влошувањето на квалитетот на изложеноста на кредитен ризик е повеќе присутно кај секторот „претпријатија", отколку кај секторот „население". Во третиот квартал од 2009 година, ликвидноста на банкарскиот систем се подобри, што во најголема мера претставува разумен одговор на банките на зголемените ризици во нивното работење. Свое влијание има и усогласувањето на банките со обврската за одржување минимално ниво на ликвидност, воведена од страна на Народната банка од почетокот на 2009 година. На 30.09.2009 година, ликвидната актива на банките изнесува 59.037 милиони денари, со што е повисока за 18,5% во однос на 30.06.2009 година. Изложеноста на банките на валутниот и другите пазарни ризици и натаму има помало влијание во спектарот на ризици со кои се соочуваат банките во своето работење. Вкупната добивка на ниво на банкарскиот систем остварена во првите девет месеци од 2009 година изнесува 1.348 милиони денари и е помала за 60% во споредба со истиот период од 2008 година. Стапката на поврат на активата изнесува 0,7%, додека стапката на поврат на капиталот изнесува 6%. Банките располагаат со доволно ниво сопствени средства за покривање на ризиците од своето работење. На крајот на септември 2009 година, стапката на адекватност на капиталот, како основна мерка на стабилноста на банките, изнесува 16,5%.
Почнувајќи од септември 2009 година, Народната банка изврши промена на процедурата за групирање на банките, користејќи притоа статистички алатки и аргументација за статистичката хомогеност на групите банки. Новите граници за групирањето на банките, според големината на нивната актива, се поставија на 5 и 20 милијарди денари (групата мали банки: актива до 5 милијарди денари, групата средни банки: актива помеѓу 5 и 20 милијарди денари и групата големи банки: актива над 20 милијарди денари).
На денешната седница, Советот на НБРМ ја разгледа Месечната информација 11/2009. Во третиот квартал продолжи надолното прилагодување на увозната побарувачка, како и позитивната динамика на приватните трансфери, поради што бележиме подобрување во надворешниот сектор. Притоа беше остварен суфицит во тековната сметка на билансот на плаќања, наспроти негативниот јаз во тековните трансакции во истиот период од претходната година. Овие промени доведоа до значително стеснување на збирниот дефицит во тековната сметка во првите девет месеци од годината (5,3% од БДП, наспроти 7% во истиот период од претходната година), којшто во целост е покриен со нето-приливите во капитално-финансиската сметка. Притоа, во третиот квартал не беа забележани притисоци врз девизните резерви. Во согласност со последните расположливи податоци, на 11.12.2009 година бруто девизните резерви го достигнаа нивото од 1.586 милиони евра, што претставува зголемување за 91,2 милиона евра во однос на крајот на 2008 година. Податоците за октомври 2009 година покажуваат натамошно стеснување на трговскиот дефицит (годишно намалување од 14,7%) и поволна динамика на менувачкиот пазар (годишен раст на нето-откупот на менувачкиот пазар во периодот октомври-ноември од над 50%). Од аспект на активноста во економијата, производството во индустријата во октомври забележа висок месечен пад, а под влијание на ниската споредбена основа, годишниот пад се сведе на само 0,9%. Сепак, структурната анализа не укажува на позначајно подобрување на состојбата во индустријата, а збирниот пад на обемот на производството и натаму е висок и во првите десет месеци изнесува 11,3%. За останатите сектори од економијата и во септември се забележуваат различни тенденции - значително придвижување во градежништвото, стабилни движења во телекомуникацискиот сообраќај и засилување на падот во трговијата. Според најновите податоци за инфлацијата, во ноември е забележан прекин на петмесечното намалување на цените. Сепак, падот на цените на годишна основа е посилен од очекуваното, а збирната промена на цените, заклучно со ноември, е негативна и изнесува 0,7%. Од аспект на движењата во банкарскиот сектор, податоците за ноември покажуваат месечен раст на депозитите и кредитите на банките (за 0,9%, истоветно). На годишна основа, ефектот од пониската споредбена основа придонесе за забрзување на стапката на раст на депозитниот потенцијал (7,2%), додека стапката на раст на кредитите изнесува 4,1%.