Скопје 24.11.2004 година
Соопштение на НБРМ
Континуираното проширување на депозитна база на банките, намалената цена на кредитите, диверзификацијата на понудата на кредити, како и зголемената побарувачка за кредити придонесоа за интензивен пораст на пласманите на банките кај приватниот сектор во текот на 2004 година. Со тоа, банките обезбедија дополнителен извор на финансирање на активноста на корпоративниот сектор, а воедно значително ја надополнуваат куповната сила на секторот население.
Според официјалните податоци, вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор во октомври 2004 година, во однос на истиот месец од претходната година се повисоки за 11.373 милиони денари, или за 23,4%, со што на крајот на месецот достигнаа 60.028 милиони денари. Притоа, интензивен пораст е регистриран и кај денарските и кај девизните пласмани. Така, денарските пласмани на банките се повисоки за 21,7%, додека годишниот пораст на пласманите во странска валута изнесува 33,7%. Интензивното кредитирање во странска валута, делумно се должи на либерализацијата на девизното кредитирање, односно на можноста за кредитирање во странска валута на сите заинтересирани субјекти.
Во рамките на рочната структура на пласманите се регистрирани позитивни поместувања. Така, во услови на поинтензивен годишен пораст на долгорочните пласмани (46,8%), споредено со порастот на пласманите одобрени на краток рок (10,8%), учеството на пласманите одобрени на долг рок во вкупните пласмани изнесува 45,7% и е зголемено за значителни 6,8 процентни поени.
Од секторски аспект, во текот на 2004 година беше забележана изразена ориентација на банките за кредитирање на секторот население. Така, годишната стапка на пораст на вкупните пласмани кај секторот население, во октомври 2004 година изнесува 61,4%, при пораст на сите категории на пласмани кај населението од аспект на рочната и валутната структура. Пласманите кај корпоративниот сектор, во октомври 2004 година беа повисоки на годишна основа за 15,8%.
Растечкиот тренд на пласманите на банките кај недржавниот сектор се очекува да продолжи и во последните два месеца од 2004 година, при што се очекува учеството на вкупните пласмани во проектираниот бруто домашен производ да достигне 21,4%, што во однос на претходната година претставува пораст од 3,5 процентни поени. Реализираниот пораст на кредитната активност на банките во периодот јануари-октомври 2004 година и реализацијата на проектираниот раст за последните два месеца од 2004 година, со исклучок на 1996 година, ќе претставува највисок годишен пораст од осамостојувањето до денес.
Кабинет на гувернерот