Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 24.09.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа и го усвои Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви во првото полугодие на 2009 година. Управувањето со девизните резерви се одвиваше во услови на продлабочување на економската криза, растечка недоверба во стабилноста на меѓународниот финансиски систем и висока несигурност на финансиските пазари. Дополнително, кај девизните резерви имаше тренд на намалување поради постојаните интервенции на Народната банка на девизниот пазар за спроведување на монетарната политика и политиката на девизниот курс на денарот. Во такви услови, имајќи го предвид примарното значење на принципите сигурност и ликвидност при управувањето со девизните резерви, главните инструменти во кои се пласираа девизните резерви беа висококвалитетните државни хартии од вредност издадени главно од владите на земјите од евро-зоната и САД, како и краткорочните депозити во централните банки на водечките земји од евро-зоната. Средствата во ликвидносното портфолио во евра се одржуваа на потребното ниво преку пренасочување на приливите од достасаните хартии од вредност од инвестициското портфолио. Приходите врз основа на управувањето со девизните резерви изнесуваа 15,4 милиони евра.
Советот на НБРМ беше информиран и за најновите движења во македонската економија, прикажани во Месечната информација 08/2009 година. Притоа, анализата на најновите макроекономски показатели покажува дека нивните движења се во согласност со проектираната динамика. Во овој контекст, битно е да се укаже на промените во надворешниот сектор, каде што наспроти неповолните тенденции во првиот квартал на годината, во второто тримесечје беа забележани позитивни поместувања. Ова главно се однесува на увозната побарувачка, чиешто надолно прилагодување започна со позасилено темпо, доведувајќи до годишно намалување на трговскиот дефицит во вториот квартал од 27,6%. Истовремено, поволни движења во овој период се забележани кај приватните трансфери, а овие трендови продолжија и во текот на јули и август. Имајќи ги предвид ваквите тенденции во надворешниот сектор, НБРМ како и во текот на јуни, и во јули и август интервенираше на девизниот пазар со нето-откуп на девизи. Состојбата на бруто девизните резерви, заклучно со 31.08.2009 изнесува, 1.505 милиони евра и е повисока за 10,1 милион евра во однос на крајот на 2008 година, со што за првпат од почетокот на годината девизните резерви бележат збирен раст. Намалувањето на увозот соодветствува со негативната динамика на економската активност, којашто укажува на намалувањето на увозните притисоци преку домашната побарувачка. Од аспект на најновите показатели за економската активност, може да се каже дека тие даваат различни сигнали. Така, обемот на индустриско производство во јули беше понизок од јуни, што придонесе за продлабочување на збирниот пад во индустријата, којшто во првите седум месеци изнесува 13,3%. Од друга страна, кај останатите сектори од домашната економија (трговијата, градежништвото и телекомуникациите) најновите податоци од јуни укажуваат на одредени месечни подобрувања, но сепак премногу е рано да се прогласи прекин на досегашните неповолни трендови. Ценовните трендови се во согласност со промените во економската активност. Последните податоци за инфлацијата од август укажуваат на продолжување на трендот на месечно намалување на ценовното ниво, при што збирниот пад на цените од почетокот на годината до август изнесува 0,3%. Во рамки на банкарскиот сектор, првичните податоци од август покажуваат месечно зголемување на депозитниот потенцијал на банките за 2,8%, додека месечното намалување кај кредитите изнесува 0,2%. На годишна основа, депозитниот потенцијал забележа минимален раст од 0,6%, додека растот на кредитната активност на банките забави на 9,6%.
Советот на денешната седница го усвои и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во првото полугодие на 2009 година. Во овој период беа извршени вкупно десет ревизии, од кои девет беа редовни ревизии и една вонредна ревизија, како и планираните активности во врска со следењето на дадените препораки. Советот заклучи дека во првото полугодие на 2009 година, Програмата за работа на внатрешната ревизија беше во целост остварена.
Кабинет на гувернерот