Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2004 година, при што го утврди следното:
Скопје, 24.05.2005 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2004 година, при што го утврди следното:
Финансискиот потенцијал на банкарскиот систем во Република Македонија на 31.12.2004 година изнесува 118 милијарди денари, што е за 13,1 милијарди денари или 12,5% повеќе во однос на 2003 година. Главна детерминанта за растот на финансискиот потенцијал на банките претставува континуираниот раст на депозитите на нефинансиски правни лица и население, кои достигнаа највисоко ниво од монетарното осамостојување на Република Македонија и на 31.12.2004 година изнесуваа 82,3 милијарди денари, што е за 12,1 милијарди денари или 17,2% повеќе во однос на 2003 година. Ова е воедно и показател за континуираното јакнење на довербата во банкарскиот систем на Република Македонија и за сe позасилените преференции на населението за штедење. Бруто кредитите на нефинансиски правни лица и население се зголемени за 12,2 милијарди денари или за 27% во однос на 2003 година и на крајот на 2004 година изнесуваа 57,4 милијарди денари. Свој придинес за зголемување на финасискиот потенцијал и кредитната активност на банките дадоа и останатите позитивни движења во банкарскиот систем, како што се намалувањето на ризичниот профил на банките, зголемувањето на ликвидносната и солвентната позиција на банките, порастот на профитабилниот потенцијал и ефикасноста на банките, диверзифицирање на понуда на кредити и намалувањето на цената на кредитите.
Стапката на адекватност на капиталот на банките, како еден од најзначајните прудентни показатели за нивното работење, на 31.12.2004 година изнесува 23,0% и е за 2,8 процентни поени пониска од онаа на крајот на 2003 година. Ваквиот тренд на намалување претставува показател за подобрување на степенот на финансиска интермедијација на банките во Република Македонија и зголемување на нивната ефикасност.
Активностите на супервизијата на Народна банка во текот на 2004 година беше насочена кон натамошно унапредување на регулативната рамка и извршувањето на банкарската супервизија, лиценцирање, т.е. издавање дозволи и согласности на банките и штедилниците, супервизија, односно контрола на работењето на банките и штедилниците и преземање на корективни мерки спрема банките и штедилниците. Притоа, констатирани се промени кај сумарниот рејтинг на банките со 31.12.2004 година, при што бројот на банки оценети со најдобар сумарен рејтинг се зголемил на 2 банки, додека бројот на банки со сумарен рејтинг "4" и бројот на неоценети банки се намалил за по 1 банка. Бројот на банки оценети со најлош сумарен рејтинг ("5") не е променет, но треба да се нагласи дека една од банките кои во 2003 година беа оценети со оцена "5", во текот на 2004 година излезе од банкарскиот систем. Банкарскиот систем на Република Македонија, на крајот на 2004 година го сочинуваат 21 банка и 15 штедилници.
Кредитниот ризик на ниво на банкарскиот систем анализиран преку индикаторите за квалитетот и движењата на кредитното портфолио го задржува трендот на подобрување. Кредитната изложеност класифицирана во ризичните категории “А” и “Б” бележи годишен пораст од 16,8%, додека кредитна изложеност класифицирана во ризични категории “В”, “Г” и “Д” е задржана на речиси исто ниво како на 31.12.2003 година. Просечната класификација на кредитното портфолио во ризична категорија “Б” укажува на изложеност на банките на умерен кредитен ризик.
На крајот на 2004 година, се забележува значително подобрување на профитабилната позиција на банките, со прикажан позитивен финансиски резултат во износ од 1.247 милиони денари (пораст од 178,3% во однос на претходната година). Од вкупно 21 банка, 16 банки прикажале позитивен финансиски резултат, додека износот на загубата остварена кај останатите 5 банки е намален во однос на 2003 година.
Советот на Народна банка разгледа и усвои и неколку одлуки и информации од доменот на нејзиното работење.
Кабинет на гувернерот