Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење
Скопје, 23.12.2005 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот ја разгледа и усвои Одлуката за целите на монетарната политика за 2006 година и Проекцијата на монетарната политика за 2006 година. Во 2006 година монетарната политика на НБРМ ќе биде насочена кон натамошно одржување на ценовната стабилност и креирање на поволен амбиент за подинамичен и одржлив економски развој. Притоа, проектираната стапка на инфлација за 2006 година изнесува 2%. Својата основна цел Народна банка ќе ја остварува преку одржување на стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото. Битна детерминанта на монетарната политика ќе претставува одржувањето на адекватно ниво на бруто девизните резерви. Во 2006 година се очекува денарските и девизните депозити на приватниот сектор да забележат пораст од 25,4% и 18%, соодветно. Истовремено, проектираната годишна стапка на пораст на вкупните кредити изнесува 19,6%. Во однос на монетарните инструменти, во 2006 година се планира воведување на државни записи за монетарни цели, со што треба да се елиминира досегашната сегментација на пазарот на краткорочни хартии од вредност. Можноста за инвестирање во државни записи од страна на небанкарските субјекти, би довела до зголемена конкуренција во однос на мобилизација на расположливите парични средства, како резултат на што се очекува подобрена респонзивност на банките и зајакнување на трансмисиониот канал на монетарната политика преку каматните стапки.
Советот донесе Одлука за пресметување и објавување на ефективна каматна стапка на кредитите и депозитите. Со оваа одлука се поставуваат основни униформни правила кои банките треба да ги почитуваат при нудењето на банкарски услуги и квалитативно се зголемува транспарентноста. Меѓу другото, потенцијалните кредитокорисници ќе бидат информирани не само за каматната стапка, туку и за сите други трошоци што се поврзани со користењето на кредит од било која банка. Дополнително, банките ќе се обврзат да објават и други релевантни информации (услови на користење на кредит, висина на затезна камата, инструменти за обезбедување на кредит, можности за предвремено враќање на кредитот, односно за повлекување на депозитот и др.)
Советот на Народна банка на Република Македонија ги усвои измените на регулативата која се однесува на методот на пресметка на каматните стапки, со што се изврши замена на конформната метода со пропорционална метода. На овој начин се изврши усогласување со вообичаените пазарни практики на европскиот пазар на пари, како и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Аналогно, се изврши измена во регулативата за пресметка на цената односно каматната стапка на благајничките записи, која отсега ќе се пресметува според пропорционална метода.
Советот го разгледа и усвои Кварталниот извештај 3/2005, месечната нформација за октомври 2005 година и Информацијата за најновите макроекономски движења во Република Македонија. Констатирано е дека ценовната стабилност е задржана и инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во периодот јануари-ноември 2005 изнесува 0,4%. Во однос на реалниот сектор од економијата, позитивните остварувања во индустријата, трговијата и земјоделството во изминатиот период од 2005 година укажуваат на интензивирана економска активност, што е во функција на остварување на проектираната стапка на реален пораст на БДП од 3,8%. Во екстерниот сектор, се регистрирани исклучително поволни резултати. Дефицитот во тековната сметка на платниот биланс во периодот јануари-септември 2005 година изнесува 40,9 милиони евра и е понизок за 192,9 милиони евра во однос на истиот период од 2004 година. Понискиот дефицит на тековната сметка се должи на намалениот трговски дефицит, понискиот дефицит во билансот на услугите и значајниот пораст на приватните трансфери.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за извршување на Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија за 2005 година и притоа оцени дека Програмата е успешно реализирана. Во извршувањето на Програмата, покрај тековните активности, посебен акцент беше ставен на проектите и задачите од областа на монетарната политика, политиката на девизниот курс и унапредувањето на стабилноста, сигурноста и ефикасноста на банкарскиот систем.
Советот ја донесе Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија во 2006 година, која опфаќа бројни мерки и активности насочени кон натамошно подобрување на дизајнирањето и извршувањето на монетарната политика и продолжување на реформите во банкарскиот сектор за да се зголеми неговата ефикасност и да се подобри финансиската интермедијација.
Советот ги усвои и финансискиот план на НБРМ за 2006 година и Планот за инвестиции на НБРМ за 2006 година.
Кабинет на гувернерот