Скопје, 23.10.2001 година
Соопштение на НБРМ
Најчесто поставувани прашања за еврото
Кога стапува на сцена еврото?
Од 1 Јануари 2002, евро-банкнотите ќе станат законско средство за плаќање во 12 земји на евро-зоната. На тој начин следните валути од почетокот на следната година ќе престанат да важат:
1) Германска марка (ДЕМ)
2) Француски франк (ФРФ)
3) Италијанска лира (ИТЛ)
4) Австриски шилинг (АТС)
5) Холандски гулден (НЛГ)
6) Луксембуршки франк (ЛУФ)
7) Белгиски франк (БЕФ)
8) Ирска фунта (ИРП)
9) Шпанска пезета (ЕСП)
10) Португалски ескудо (ПТЕ)
11) Финска марка (ФИМ)
12) Грчка драхма (ГРД)
Според кои курсеви се врши конверзија на евро банкнотите?
Курсевите на конверзија на еврото се утврдени на 31.12.1998 година (за грчката драхма на 31.12.2000 година). Овие курсеви се следните:
1) за 1 евро 1,95583 германски марки
2) за 1 евро 40,3399 белгиски франци
3) за 1 евро 166,386 шпански пезети
4) за 1 евро 6,55957 француски франци
5) за 1 евро 0,787564 ирски фунти
6) за 1 евро 1936,27 италијански лири
7) за 1 евро 2,20371 холандски гулдени
8) за 1 евро 13,7603 австриски шилинзи
9) за 1 евро 200,482 португалски ескудоси
10) за 1 евро 40,3399 луксембургшки франци
11) за 1 евро 5,94573 фински марки
12) за 1 евро 340,750 грчки драхми
Курсевите се фиксни и се неотповикливи. Пресметување на вредноста во денари од 01.01.2002 година ќе се врши со конвертирање на оригиналниот износ од овие валути според фиксните курсеви и добиениот производ се множи со тековниот курс на денарот во однос на еврото.
Од почетокот на 2002 година ќе се изврши конверзија во евра според овие курсеви, но при размената во готово освен користењето на овие фиксни курсеви ќе се наплаќа и провизија.
Како се вика новата валута и каков е нејзинот знак?
Новата валута се вика Евро и има ознака (ЕУР) и се состои од 100 центи. За евро банкноти постојат 7 деноминации и тоа од 5, 10, 20, 50, 100, 200 и 500 евра. За металните пари постојат 8 деноминации и тоа од 1, 2, 5, 10, 20 и 50 центи, како и 1 и 2 евра.
Имам тргнато на страна/под перница банкноти и метални пари од валутите на 12 земји во кои ќе се врши конверзија. Што да сторам со нив?
Однесете ги сега во вашата комерцијална банка и ставете ги како штеден влог. На тој начин, не само што ќе ги замените без трошоци, туку и ќе заработите камата и нема да се соочите со ризикот да чекате во долг ред на почетокот од наредната година и да плаќате провизија за размената во готово.
Како да се заштитам од измама?
Само со замена на вашите пари во банките. Ако некој ви дојде на врата, или ви понуди на улица евра на замена за валути од 12-те земји на евро-зоната, постои голема веројатност дека се работи за измама.
Кога ќе морам да ја сменам мојата девизна сметка во евра? А, што е со мениците и чековите?
Сметките ќе бидат конвертирани најдоцна до 1 Јануари 2002 година, бесплатно и според фиксните курсеви. Ова ќе биде извршено автоматски. Сите трансфери ќе бидат извршени во евра од 1 Јануари 2002 година. Оттогаш, ќе треба да ги извршувате сите ваши плаќања, налози за трансфер и чекови, изразено во евра.
Од 01.01.2002 година стопанствениците при извоз ќе треба своите цени и извозни фактури да ги искажуваат во евра.
Сите инструменти за обезбедување и за плаќање кои се примени во меѓународниот платен промет, односно чековите и мениците и кои гласат на валутите од 12-те земји ќе престанат да важат од 01.01.2002. Тоа подразбира дека сите овие инструменти кои носат датум после 01.01.2002 година и се деноминирани во овие валути, се невалидни и поради тоа треба да се заменат со нови кои ќе гласат во евра. Оние инструменти кои гласат на валутите на 12-те земји и кои носат датум пред 31.12.2001 година треба најдоцна до 31.01.2002 година да се поднесат на наплата.
Како што гледате, не е многу комплицирано. Подетални информации можете да добиете на Интернет, на адреса:
http://www.nbrm.gov.mk/или на E-mail: [email protected]
Народна банка на Република Македонија