Скопје, 23.03.2000 година
Соопштение на НБРМ
На 23.03.2000 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXIX-а седница, на која го усвои Годишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 1999 година. Притоа, членовите на Советот констатираа дека, иако годината што измина беше специфична со оглед на случувањата во регионот, Централната банка во целост ја исполни својата обврска дефинирана со закон, а тоа е одржување на стабилноста на цените, односно на девизниот курс. Така, остварената стапка на инфлација мерена преку порастот на цените на мало во 1999 година беше ниска и стабилна и изнесуваше 2,3% на годишно ниво. Девизниот курс на денарот остана стабилен и покрај повремените мали турбуленции во текот на годината. Монетарните агрегати остварија релативно повисок пораст од проектираниот кој беше детерминиран од поголемиот прилив на девизи на девизниот пазар и порастот на депозитите во портфолијата на комерцијалните банки. Притоа, Народна банка на Република Македонија на девизниот пазар во текот на 1999 година откупи 118 милиони долари. Порастот на економската активност беше поддржан од страна на Центералната банка со соодветен пораст на вкупните пласмани на банките кај недржавниот (приватен) сектор, кои на годишно ниво остварија пораст од 9,4%. Девизните резерви достигнаа највисоко ниво од осамостојувањето досега и на крајот на 1999 година изнесуваа 458 милиони долари, што претставува покриеност на 3,1 месечен увоз на стоки. Вкупната ликвидност во банкарскиот систем се подобри што доведе до намалување на каматните стапки на пазарот на пари од 24,2% на 11,2%, годишно.
Членовите на Советот на Народна банка на Република Македонија разгледаа и усвоија стратегија и пакет на Одлуки со кои се продолжуваат реформите кај инструментите за монетарно регулирање. Понатамошните реформи на монетарниот инструментариум беа детерминирани од подобрената ликвидност во банкарскиот систем, намалувањето на задолженоста на банките на аукциите на кредити кај Централната банка, зајакнувањето на супервизорската контрола, како и влезот на стратешки странски инвеститори во неколку комерцијални банки.
Основна цел на усвоените реформи кај инструментите за монетарно регулирање е постигнување на поефикасно регулирање на глобалната ликвидност од страна на Народна банка на Република Македонија, поефикасно регулирање на сопствената ликвидност на комерцијалните банки, развој на секундарниот пазар, развој на колатерализираното позајмување, како и разграничување на интервенциите на Централната банка преку инструментите за фино регулирање од инструментите во крајна инстанца. Со предложените реформи доаѓа до промена на улогата на Централната банка од активна во помалку активна, во однос на дневните интервенции кај банките со ликвидни средства. На тој начин, се стимулира тргувањето на Пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност, развојот на колатеризираното позајмување помеѓу банките, како и пазарно формирање на каматните стапки.
Реформата на инструментите на монетарно регулирање Народна банка на Република Македонија е предвидена да се реализира во неколку динамички фази, кои предвидуваат одредени измени на карактеристиките на постојните инструменти на монетарно управување, воспоставување и операционализација на електронското следење на трансферот на сопственоста на хартиите од вредност со користење на боок ентрѕ системот, заедничка работа со Министерството за финансии на проектот за издавање на краткорочни државни хартии од вредност, развој на секундарниот пазар на хартии од вредност, операционализација на регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем преку спроведување на репо операции со краткорочни државни хартии од вредност и индиректно регулирање на кредитната активност на банките преку пазарно утврдување на каматните стапки. Битно е да се спомене дека почнувајќи од вториот квартал на 2000-та година, согласно претходните најави на Централната банка, директниот инструмент ограничување на порастот на денарските пласмани нема веќе да се применува.
Воедно, членовите на Советот донесоа и Одлука која е во доменот на понатамошните реформи на платниот промет, со која границата за големите плаќања кои ќе се извршуваат преку комерцијалните банки, а се пријавуваат кај Народна банка на Република Македонија се поместува од пет милиони денари на три милиони денари. Причината за ова поместување, кое што е динамичко и во иднина би требало да се сведе на еден милион денари е подоброто планирање од страна на комерцијалните банки, како и техничката спремност на Централната банка.
Советот донесе Одлука со која дополнително се дефинира документацијата потребна за издавање лиценца за работа на одредена финансиска институција. Притоа, домашните и странските инвеститори ќе треба во Елаборатот за економската оправданост да достават подетални податоци и анализи за кредитна политика, политика на управување со ликвидноста, политика за управување со курсниот ризик, политика за управување со други видови на ризици, политика за етика и политика за контрола на паричните средства и план на основачите на банката за идниот развој од аспект на јакнење на капиталната база.
Исто така, Советот на Народна банка на Република Македонија расправаше и зазема став во однос на шпекулациите за евентуална девалвација на денарот и притисоците на девизниот пазар. Притоа, се констатира дека тековните макорекономски движења во Република Македонија во првите неколку месеци од 2000-та година не даваат основа и не одат во прилог на ваквите шпекулации. Имено, инфлацијата е ниска и стабилна и нејзниот пораст е главно резултат на порастот на цените на земјоделските производи и психолошките фактори кај економските субјекти од воведувањето на данокот на додадена вредност, кои делуваат во насока на зголемување на побарувачката на одредени акцизни производи и зголемување на потрошувачката. Монетарните агрегати бележат релативно повисок пораст, поради привремената зголемена побарувачка на девизи во однос на понудата на девизниот пазар, како резултат на започнувањето на исплатата на тутунот. Девизниот курс е во рамките на таргетираното ниво и истиот ќе се брани со сите расположливи инструменти за монетарно регулирање.
Совет на Народна банка на Република Македонија