СООПШТЕНИЕ Скопје, 23.01.2001 година
До Јавните медиуми
СООПШТЕНИЕ
Денес во посета на Република Македонија претстојуваше г-дин Кристијан Портман, директор за Република Македонија во Светската банка. Цел на неговата мисија во Република Македонија е увид во целокупните активности што ги има Светската банка со Република Македонија. Во таа смисла, тој посети повеќе институции во Република Македонија, меѓу кои и Народна банка на Република Македонија.
На средбата во НБРМ се зборуваше за статусот во исполнувањето на условите за втората транша од ФЕСАЛ 2 аранжманот од страна на Централната банка. Во своето излагање гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г-дин Љубе Трпески, истакна дека реформите во банкарската сфера, а кои се финансиски поддржани со ФЕСАЛ 2 аранжманот, се клучни за развојот на македонската економија и за остварувањето на повисоки стапки на економски раст. Притоа, и двајцата заклучија дека реформите во банкарскиот сектор, а во таа смисла и мерките кои што ги превзема Народна банка на Република Македонија, се во насока на понатамошно изградување на модерен, здрав и конкурентен банкарски систем, атрактивен за вложување од страна на странскиот капитал.
Притоа, гувернерот Трпески истакна дека поголем дел од активностите кои треба да се исполнат согласно втората транша од ФЕСАЛ 2 аранжманот до 31 март 2001-та година (донесување на подзаконски акти, усогласени со новиот Закон за банки) се веќе донесени и се во фаза на практично тестирање кај комерцијалните банки. На состанокот стана збор и за работата на одделението за проблематични банки кое е во рамките на Дирекцијата за супервизија во НБРМ. Притоа, беше заклучено дека банките кои влегуваат во оваа категорија се под постојан надзор на Централната банка и се информирани за мерките кои ќе бидат превземени кон нив доколку не ги подобрат своите перформанси. Во однос на реформата на платиот систем, во доменот на Централната банка, имплементацијата на системот за порамнувања, т.н. РТГС системот е согласно утврдената динамика.
Г-дин Портман изрази задоволство од степенот на превземените активности од страна на Народна банка на Република Македонија во доменот на реформите на банкарскиот систем и изрази уверување дека реформите во банкарскиот сектор се во насока на зголемување на конкуренцијата, која детерминира пониски каматни стапки за економските субјекти, поефтини и диверзифицирани банкарски услуги и полесна, но регулирана процедура за одобрување на кредити.
На барање на г-дин Портман, гувернерот Трпески го иформираше и за статусот на преговорите за сукцесијата на имотот на поранешна СФРЈ во БИС, Базел.
Кабинет на гувернерот