Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXVII седница
Скопје, 22.12.1998 година
На 22.12.1998 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXVII седница, на која се дискутираше за остварените макроекономски движења во 1998 година, како и за повеќе други прашања од монетарната и девизната област.
Советот на Народна банка на Република Македонија констатира дека и во 1998 година е остварена основната цел на монетарната политика - одржување на ниска и предвидлива стапка на инфлација, која за првите единаесет месеци од 1998 година достигна 1,0%. На тој начин е продолжена тригодишната континуирана стабилност на цените, со што Република Македонија е најуспешна меѓу земјите во транзиција. Притоа, беше истакнато дека порастот на цените во 1998 година е понизок од предвидениот заради неочекувано високиот пад на цените на земјоделските производи за 10,7%, што е последица на послабиот пласман на овие производи на пазарите на поранешните југословенски републики и Европа. Советот заклучи дека е значајно што ниската инфлација во 1998 година беше во функција на развојот, бидејќи истовремено е остварен пораст на индустриското производство од 5,7%, а се проценува дека стапката на реален пораст на бруто домашниот производ во 1998 година ќе изнесува околу 4%. Економскиот пораст е генериран од извозот, кој растеше со стапка од 11,1%, што е резултат на подобрената ценовна конкурентност по извршената девалвација на денарот, но и на намалувањето на трошоците по единица производ.
Паричната маса во првите единаесет месеци од 1998 година е зголемена за 13,9%, што во услови на инфлација од 1% и реален пораст на општествениот производ од 4%, значи дека е остварен реален раст на понудата на пари од 9%. На тој начин, монетарната политика во целост го поддржа остварениот стопански раст, без притоа да се изгуби контролата врз инфлацијата.
Како основни проблеми на економската политика во 1998 година беа истакнати зголемувањето на достасаните неисплатени обврски меѓу економските субјекти и минималниот пад на вработеноста.
Советот со задоволство констатираше дека и покрај присутните притисоци врз девизниот курс во текот на октомври и ноември, вредноста на денарот е задржана на непроменето ниво, а воедно се зголемени и девизните резерви. Така, во 1998 година од девизниот пазар на нето основа се откупени 32 милиони долари, што е за 5 милиони долари повеќе од предвидувањата. Тоа овозможи бруто девизните резерви на Народна банка да се зголемат во 1998 година за 56 милиони долари, додека порастот на нето девизните резерви изнесува 44 милиони долари.
Советот на НБРМ ја разгледа Информацијата за воведувањето на ЕВРО-то и последиците од неговото воведување во Република Македонија. Притоа, Советот оцени дека Информацијата детално го обработува процесот на економското и монетарното обединување на европските земји, како и импликациите од воведувањето на ЕВРО-то врз девизниот курс на денарот, врз банкарството и стопанските субјекти, како и врз законската регулатива во Република Македонија. Во таа смисла, Советот усвои измени на две оперативни одлуки со кои се операционализираат активностите околу воведувањето на ЕВРО-то во Република Македонија. Со измените на двете одлуки се врши замена на европската пресметковна единица (ЕКИ) со ЕВРО-то со важност од 01.01.1999 година и се врши измена во начинот на пресметка на курсот на денарот спрема сите странски валути, освен германската марка, при што во пресметката ќе се земаат интервалутарните односи на ЕВРО-то утврдени од Европската Централна Банка.
Советот на НБРМ донесе Одлука и Упатство за задолжително известување од страна на стопанските субјекти кои се поврзани врз основа на вложувања во и од странство, со што ќе се овозможи поажурно статистичко следење на странските инвестиции во Република Македонија. Имено, со цел да се унапреди статистиката на капиталната и финансиската сметка на платниот биланс, Народна банка на Република Македонија изработи прашалник врз основа на кој ќе се добијат попрецизни податоци за директните и портфолио инвестициите.
Советот на НБРМ донесе измени и дополнувања на две одлуки со кои се дава можност Фондот за осигурување на штедни влогови директно да пласира свои средства на аукциите на благајнички записи кај Народна банка на Република Македонија.
На крајот, гувернерот на Народна банка на Република Македонија го информираше Советот за динамиката со која банките го достигнуваат капиталниот цензус потребен за вршење на платниот промет со странство.
Совет на Народна банка на Република Македонија