Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која разгледа и усвои извештаи и одлука од монетарната, девизната и супервизорската област.
Скопје, 21.10.2004 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која разгледа и усвои извештаи и одлука од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот ги разгледа и усвои Полугодишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 2004 година, Извештајот за банкарска супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија, како и Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2004 година. Согласно законската регулатива, овие извештаи се доставуваат за разгледување и усвојување до Собранието на Република Македонија.
Советот донесе Одлука за краткорочен кредит за ликвидност во крајна инстанца. Со имплементацијата на оваа одлука се зацврстува стабилноста на финансискиот систем и се избегнува настанување на системски банкарски ризик, бидејќи се зголемува бројот на расположливи инструменти со кои Народна банка на Република Македонија, во исклучителни околности, може да одобри финансиска поддршка на банка која има ликвидносни тешкотии и ги искористила сите расположливи извори на ликвидни средства достапни на пазарот. За разлика од ломбардниот кредит кој се одобрува со рок на враќање од еден ден, краткорочниот кредит за ликвидност во крајна инстанца може да се одобри на рок од три месеци. Кредитот за ликвидност во крајна инстанца Народна банка на Република Македонија може да го одобри само на деловна банка која е солвентна и која нуди висококвалитетно и однапред детерминирано обезбедување во облик на хартии од вредност, со што се избегнува прифаќањето на кредитен ризик од страна на Централната банка. Доколку деловната банка која има ликвидносни тешкотии не е во можност да го понуди потребното обезбедување, тогаш кредитот за ликвидност во крајна инстанца Народна банка на Република Македонија може да го одобри на банка соработник, која го има бараното обезбедување, и која ќе i даде ликвидносна позајмица на банката примател. Со цел да се спречи моралниот хазард кај деловните банки и настанување на ликвидносни тешкотии заради прекумерно преземање на ризик од нивна страна Народна банка на Република Македонија има дискреционо право во одлучувањето дали ќе одобри краткорочен кредит за ликвидност во крајна инстанца.
Советот ја донесе Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија во 2005 година, која опфаќа бројни мерки и активности насочени кон понатамошно подобрување на дизајнирањето и извршувањето на монетарната политика и продолжување на реформите во банкарскиот сектор за да се зголеми неговата ефикасност и да се подобри финансиската интермедијација. Народна банка на Република Македонија ќе презема активности кои се директно во нејзина надлежност, но и ќе иницира активности кои се во надлежност на други институции чија реализација би резултирала со подобрување на ефикасноста на целокупниот финансиски систем во земјата и би создала поквалитетна основа за забрзување на економски растеж.
За зголемување на ефикасноста во спроведувањето на монетарната политика ќе се унапредат монетарните инструменти на Народна банка на Република Македонија со што ќе се елиминира кредитниот ризик за Централната банка од нејзините кредитни активности, а се предвидува и воведување нов инструмент. Со Програмата е предвидено иницирање на подготовка на супервизорска регулатива за пазарниот ризик со која се врши дополнително усогласување со т.н. Базелски принципи. Понатаму, се предвидува максимизирање на прудентноста и зголемување на транспарентноста на Народна банка на Република Македонија, унапредување на сметководствената рамка за банките во процесот на нејзино усогласување со меѓународните сметководствени стандарди, унапредување на платниот систем во земјата, унапредување на интерната структура на Централната банка преку воведување менаџерски договори.
Народна банка на Република Македонија ќе иницира донесување или измена на релевантната регулатива со што треба да се зајакне корпоративното управување на банките и дополнително да се зголеми сигурноста и здравоста на банкарскиот систем. Преку понатамошен развој на кредитниот регистер се предвидува подобрување на информираноста на банките и редуцирање на нивниот кредитен ризик. Ефикасноста на девизниот пазар треба да се зголеми преку електронско поврзување на сите негови овластени учесници и централизирање и промптно ажурирање на сите информации за функционирањето на пазарот.
Кабинетот на гувернерот