Скопје, 21.05.2003 година
Соопштение на НБРМ
Усвоени извештаите за работењето на Народна банка на Република Македонија во 2002 година
Советот на Народна банка на Република Македонија на својата IV-та седница, одржана на 21.05.2003 година, ги разгледа и ги усвои: Годишниот извештај на НБРМ за 2002 година, Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2002 година, Извештајот за ракувањето со девизните резерви на Република Македонија во 2002 година и Извештајот за работењето на Дирекцијата за внатрешна ревизија во 2002 година. Советот на НБРМ истакна дека годишните извештаи на Народна банка на Република Македонија се реални, сеопфатни и стручно изработени материјали.
Во Годишниот извештај на НБРМ за 2002 година е констатирано дека 2002 година беше во знакот на очекуваното опоравување на економијата, по безбедносната и економската криза во 2001 година. Скромниот реален пораст на БДП од 0,7% во 2002 година, потврди дека е потребен подолг период за целосно ревитализирање на економијата. Во услови на ниски перформанси на реалниот сектор од економијата, значајно зголемен увоз и притисоци на девизниот пазар, како и експанзивна буџетска потрошувачка (особено во предизборниот период), Народна банка на Република Македонија, преку одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, ја оствари законската обврска - одржувањето на ценовната стабилност. Така, во 2002 година беше регистрирана просечна стапка на инфлација од 1,8%. На крајот на 2002 година, девизните резерви на НБРМ овозможуваа покривање на 4,5 месечен увоз.
Монетарната политика на НБРМ во 2002 година беше флексибилно прилагодувана на вкупните состојби, во правец на постепено релаксирање, паралелно со нормализацијата на состојбите во економијата. Во 2002 година, врз основа на евро-конверзијата, дојде до трајно зголемување на депозитите кај банките (само една третина од приливот беше повлечен), а вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор се зголемија за 7,8%.
Во Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во 2002 година, се потенцирани континуираните напори на НБРМ за активен надзор над работењето на банкарскиот систем. Притоа, нагласени се позитивните трендови во банкарскиот систем во однос на подобрување на квалитетот на банкарското портфолио. Имено, учеството на ризичните пласмани во вкупните пласмани на банките во 2002 година е сведено на 15,9%.
Советот на НБРМ беше информиран и за тековните активности на Народна банка на Република Македонија од областа на работењето на оваа институција.
Кабинет на гувернерот