Скопје, 20.12.2006 година
Соопштение на НБРМ
Согласно воспоставената традиција, денес, во просториите на Народната банка на Република Македонија, гувернерот, г. Петар Гошев организираше средба со генералните директори на сите комерцијални банки во Република Македонија. На средбата, се разгледаа резултатите на банкарскиот сектор за 2006 година, како и клучните сегменти од Програмата за работа на Народната банка за 2007 година.
Генералниот заклучок беше дека трендот на позитивните резултати од работењето на банките продолжи и во текот на 2006 година, со подобрена профитабилност, која измерена преку коефициентите за поврат на активата и на капиталот на 30.09.2006 година изнесува 1,7% и 11,1% соодветно. Континуираниот раст на довербата во банкарскиот систем на Република Македонија резултираше во пораст на депозитите на приватниот сектор за 27,1% (за периодот ноември 2005-ноември 2006 година). Зголемениот депозитен потенцијал овозможи поголема поддршка на стопанството и населението, преку пораст на кредитната активност за 28,8% (за периодот ноември 2005-ноември 2006 година). И покрај ваквиот раст, кредитното портфолио на банките, не само што го задржа туку и го подобри својот квалитет.
На средбата беа сумирани остварувањата на Народната банка во текот на 2006 година, од кои особено значаен за банкарскиот сектор е новиот Закон за банките, кој е во завршна фаза и се очекува најдоцна во првиот квартал од 2007 година да биде усвоен од страна на Парламентот. Исто така, во услови на интензивна кредитна активност, Народната банка ги зајакна супервизорските стандарди во доменот на управување со кредитниот ризик, а истовремено беа заокружени и подготвителните активности за започнување со анализа на финансиската стабилност на земјата.
Дискутирани беа и деловните очекувања за 2007 година, при што беа истакнати некои од проектите на централната банка, кои ќе бидат од исклучително значење за банкарскиот сектор во Република Македонија, вклучително: донесување нова сметководствена рамка за банките која ќе биде во согласност со меѓународните стандарди, унапредување на Кредитниот регистар на Народната банка, имплементација на развојниот план на супервизијата кој ќе резултира со нејзина транзиција кон супервизија повеќе ориентирана кон оценка и анализа на ризиците на кои се изложени банките.
Kабинет на гувернерот