Посета на Република Македонија, на претставниците на Светската банка
Скопје, 20.05.1998 година
За време на еднонеделната посета на Република Македонија, претставниците на Светската банка г-дин Питер Стек, извршен директор на Холандската Конституенца во Светската банка, во која спаѓа Република Македонија и г-дин Аџеј Чибер, директор на тимот задолжен за Република Македонија и Република Турција, имаа средба со Љубе Трпески, гувернер на Народна банка на Република Македонија.
На средбата, соговорниците покомплексно ја разгледаа досегашната соработка меѓу Светската банка и Република Македонија, како и стратегијата за соработка, активностите и приоритетите за следните неколку години. Притоа, гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Љубе Трпески истакна дека групацијата на Светската банка во изминатиот период и конкретно ги поддржа стабилизационите напори и структурните реформи на Република Македонија.
Воедно, гувернерот Трпески го изрази своето задоволство од подготвеноста за продолжување на ангажманот на Светската банка на Република Македонија во наредниот период преку одобрување на втората транша на САЛ аранжманот во износ од 18 милиони американски долари и одобрување на ССАК аранжманот во износ од 30 милиони американски долари, чии приоритети ќе бидат поддржување на социјалните реформи. Истовремено, Светската банка ќе ги поддржи напорите на економските власти за заживување на стопанството на Република Македонија. Во тој поглед, Трпески ја поздрави по ангажираната улога на Меѓународната финансиска корпорација во следниот период, чие присуство е најавено и со последното вложување на Меѓународната финансиска корпорација во Македонскиот телеком.
За поддршка на реформите во банкарството се предвидува ФЕСАЛ II аранжман, кој ќе биде насочен кон забрзување на развојот на пазарот на капитал, реформа на девизниот пазар, либерализација на пазарот на кредити, развој на финансиските инструменти, довршување на реформата на платниот промет и создавање услови за конвертибилност на тековната и капиталната сметка од платниот биланс.
Претставниците на Светската банка изразија задоволство од динамиката и начинот на спроведување на макроекономската програма во Република Македонија, оценувајќи дека иако е предизборен период севкупната макроекономска политика, а во тие рамки и монетарната политика не се експанзивни. Воедно, г-дин Чибер ја потврди потребата од финансирање на проекти кои ќе овозможат понатамошен пораст на производствената активност во земјата и намалување на стапката на невработеност.
На крајот од средбата, гувернерот Трпески и г-дин Стек изразија заедничка готовност за продлабочување на соработката помеѓу Народна банка на Република Македонија и Централната банка на Холандија, во доменот на супервизијата, внатрешната контрола, истражувачката работа, монетарните инструменти и девизниот пазар.