Скопје, 20.02.2003 година
Соопштение на НБРМ
На денешната I-ва седница во оваа година, Советот на Народна банка на Република Македонија беше информиран од страна на гувернерот на Народна банка на Република Македонија за резултатите од преговорите со Меѓународниот Монетарен Фонд во врска со договорениот Stand by аранжман. Притоа, тој истакна дека за разлика од изминатите две години кога главниот товар за одржување на макроекономската стабилност паѓаше на монетарната политика и таа мораше да биде рестриктивна и каматните стапки да бидат високи, во оваа година, со оглед на фактот што фискалната политика го превзема својот дел од одговорноста во одржувањето на макроекономската стабилност, монетарната политика ќе биде знатно порелаксирана, а тоа ќе се изрази преку зголемената можност за одобрување на кредити и намалување на каматните стапки. Во таа смисла Советот на Народна банка на Република Македонија, денеска, донесе Одлука за намалување на каматните стапки кои што ги одредува Народна банка на Република Македонија.
Така, каматната стапка на ломбардните кредити (тоа се кредити кои што НБРМ ги дава на банките во крајна инстанца) се намали од 23% на 17,5% на годишно ниво. Исто така, можноста на користење на ломбардниот кредит е зголемена, така што сега банките ќе можат да го користат овој инструмент на НБРМ без ограничување на бројот на денови во текот на месецот. Есконтната стапка се намали од 10,7 % на 8% на годишно ниво. Со тоа и законската затезна камата ќе се намали од 32,1% на 24%.
Советот на Народна банка на Република Македонија оцени дека намалувањето на каматните стапки ќе придонесе за намалување на активните каматни стапки на комерцијалните банки и дека банките би требало да го следат овој сигнал на Народна банка на Република Македонија.
Советот, исто така, беше информиран дека со политиката што ја води Народна банка на Република Македонија во однос на аукциите на благајнички записи, каматната стапка на благајничките записи е намалена од 20% на 12,8% на аукцијата одржана на 19.02.2003 година, со тенденција за понатамошно намалување. Така, како втора фаза од динамичкото намалување на каматните стапки на Народна банка на Република Македонија, се предвидува, Советот на Народна банка на Република Македонија на наредната седница да донесе Одлука и за намалување на каматната стапка на благајничките записи, преку промена на типот на тендер, т.е. со користење на волумен тендер, наместо актуелниот тендер на камати.
Во зависност од движењата на цените, како и движењата на девизниот пазар во наредните месеци, се очекува и понатамошно намалување на каматните стапки на Народна банка на Република Македонија.
По повод се позачестената појава на неприфаќање на чекови од одделни банки од страна на одделен број на субјекти во платниот промет, Советот на Народна банка на Република Македонија реши да упати барање до Министерството за финансии за отпочнување на брза постапка за донесување на промени во Законот за платен промет, во смисол на донесување на казнени одредби на оние субјекти кои одбиваат да примаат чекови од банките.
Кабинет на гувернерот