Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата II седница во оваа година, на која се разгледаа и усвоија повеќе одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Скопје, 19.03.2003 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата II седница во оваа година, на која се разгледаа и усвоија повеќе одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот на Народна банка на Република Македонија ја усвои годишната сметка на НБРМ за 2002 година и донесе Одлука за финансискиот план за 2003 година. Притоа, Советот со задоволство констатира дека и покрај големиот пад на каматните стапки на девизните депозити, кои се основен приход на Народна банка како и високиот износ на трошоци за одржување на девизниот курс на денарот и ликвидноста на банкарскиот сектор, Народна банка на Република Македонија минатата година оствари позитивен финансиски резултат.
Во монетарната област е донесена нова Одлука за задолжителна резерва со која се воведува единствена стапка на задолжителната резерва од 7,5%. Со тоа се намалува вкупниот износ на задолжителна резерва на банките во денари и се очекува тоа да влијае на зголемување на денарската ликвидност на банките и понудата на кредити, што од своја страна ќе влијае на намалување на каматните стапки.
Во областа на супервизијата беше донесена Одлука за супервизорските стандарди за регулирање на достасаните, а ненаплатени побарувања на банките. Оваа Одлука претставува една од суштинските прудентни регулативи со кои се дефинираат повеќе аспекти како што се сметководствените аспекти на достасаните а ненаплатени побарувања, начинот на продолжување на рокот на достасаните побарувања, начинот на реструктуирање на побарувањата, постапката за отпис на побарувања и сл.
Членовите на Советот на НБРМ беа информирани за најновите случувања во монетарната и девизната област. Притоа, беше потенцирано дека состојбата на девизниот пазар е комплетно смирена при што последниве денови Народна банка повеќе откупува отколку што продава девизи на девизниот пазар. Девизниот курс е стабилен и се движи околу таргетираното ниво од 61,5 денари за 1 евро. Пондерираната каматна стапка на благајничките записи на последната аукција на благајнички записи изнесуваше 9,4%. Во таа смисла, Советот очекува банките да бидат пореспонзивни на овие сигнали на Народна банка во намалување на каматните стапки на кредитите што ги даваат на стопанството и граѓаните.
Кабинет на гувернерот