Скопје, 19.02.2008 година
Соопштение на НБРМ
На денешната седница Комитетот за Оперативна Монетарна Политика при НБРМ, одлучи две работи:
a) каматата на благајничките записи минимално да се зголеми - од 5,08%, колку што изнесуваше на последната аукција, на 5,25%; и
b) тендерот со каматни стапки да се замени со тендер на износи (тендер со фиксна каматна стапка и неограничен износ на благајнички записи).
Оваа одлука ја изразува нашата проценка за зголемените ризици врз стабилноста на цените на среден рок, особено во услови на брз раст на кредитите и пораст на платите над продуктивноста во економијата. Наша цел е тековниот позначителен скок на инфлацијата да не се прелее на среден рок, бидејќи одржувањето на ниска инфлација на среден и долг рок е наш највисок приоритет, а за тоа клучно е одржување на инфлациски очекувања на стабилно ниво.
Во овој момент се одлучивме за сосема благ пораст на каматната стапка на нашиот основен инструмент поради тоа што позначителниот раст на цените е пред сe резултат на фактори од страната на понудата врз кои монетарната политика неможе директно да делува. Имено, во периодот август - декември 2007 година дојде до позначајно динамизирање на инфлацијата кое е главно детерминирано од цените на исхраната, што претставува глобален тренд. Динамизирањето на инфлацијата продолжи и во првиот месец од 2008 година. Имено, годишната стапка на инфлација во јануари 2008 година достигна 8,7%, што главно се должи на ефектот од поскапувањето на храната (78% придонес во годишниот ценовен раст, односно учество од 6,8 процентни поени). Годишната стапка на инфлација во јануари, без храната изнесува 3,2%, а доколку се исклучи и влијанието на цените на енергијата, во тој случај т.н. базична инфлација изнесува 2,6%. Тоа говори дека, подрастично затегнување на монетарната политика во овој момент не би бил соодветен одговор, до моментот на стабилизирање на движењата на светскиот пазар, особено во наведените два сектори - храната и енергијата.
Сепак, движењата на базичната инфлација покажуваат дека покрај динамизирањето на цените на исхраната, во последните неколку месеци се присутни и одредени притисоци врз инфлацијата и од страна на побарувачката, имајќи го предвид:
1. Повисокиот раст на платите од растот на продуктивноста особено во периодот септември - октомври 2007 година, кој освен кај јавниот сектор, широко е дисперзиран и кај приватниот сектор.
2. Високиот кредитен раст во 2007 година кој достигна 39,1%, што претставува зголемување на учеството на кредитите на банките кај приватниот сектор во БДП за 8 процентни поени. Притоа особено е висок растот на кредитите на населението (56,4%) што директно влијае на личната потрошувачка и на агрегатната побарувачка;
Уште еднаш нагласуваме дека одржувањето на ниска и стабилна инфлација во голема мера базира на одржување на стабилни инфлациски очекувања што бара придонес од повеќе субјекти. За оваа цел, Народната банка ќе ги искористи сите расположливи инструменти бидејќи ниската инфлација е најдобриот придонес кој монетарната политика може да го даде за економскиот раст. Од друга страна пак, успехот во ова ќе зависи и од пазарните учесници кои треба да се воздржат од пораст на платите над порастот на продуктивноста, порастот на кредитите да биде на максимално прудентна основа, а фискалната политика да продолжи со својот придонес прилагодувајќи се на актуелните состојби на пазарот.
Народната банка внимателно ги следи и анализира движењата на пазарот. Активностите на Владата за смирување на растот на цените, особено во секторот на храната, без оглед на дискусиите за должината на нивниот ефект, Народната банка смета дека се полезни за смирување на инфлациските очекувања. Воедно, треба да се има предвид дека во втората половина од 2008 година заради повисоката споредбена основа од 2007 година, кога започна зголемувањето на цените на исхраната, годишните стапки на инфлација ќе бидат пониски. Економските индикатори за четвртиот квартал од 2007 година, говорат дека може да очекуваме солидна динамика на економскиот раст и во првиот квартал од 2008 година. Како Народна банка остануваме фокусирани на одржување на толерантно ниво на инфлацијата и продолжување на политиката на стабилен курс на денарот поддржан со високо ниво на девизни резерви и во зависност од натамошните движења во економијата остануваме спремни соодветно да реагираме.
Кабинет на гувернерот