Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 18.07.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот ги усвои Одлуката за издавање дозволи на банка и Одлуката за издавање согласности. Овие Одлуки ја сочинуваат регулативната рамка во доменот на лиценцирањето на банките и штедилниците, што претставува суштински елемент на супервизорската функција на Народната банка. Со овие одлуки се пропишува видот на документацијата и условите и постапката за издавање дозвола за основање и работење на банка, за статусна промена на банка, како и издавањето на согласности на банките, за именување членови на надзорен и управен одбор на банките, стекнување на квалификувано учество во акционерската структура на банките, за вршење на одредени финансиски активности од страна на банките, за основање на организациски делови на банките во странство и др. Овие одлуки ги отсликуваат зајакнатите критериуми за лиценцирање, кои се содржани во новиот Закон за банките, како и најновите базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија.
На денешната седница беше разгледан и усвоен првиот Извештај за финансиската стабилност во 2006 година. Со тоа, Народната банка се вклучи во групата на само педесетина централни банки кои издаваат ваков извештај. Извештајот дава оценка на нивото на стабилност на финансискиот систем на Република Македонија, со акцент на банкарскиот систем, како негов доминантен сегмент. При тоа, се прави обид да се идентификуваат најзначајните системски ризици кои би можеле да предизвикаат сериозни пореметувања во функционирањето на финансискиот систем.
Стабилноста на финансискиот систем на Република Македонија во текот на 2006 година беше на задоволително ниво. На 31.12.2006 година вкупните средства изнесуваа 195,8 милијарди денари, што во споредба со крајот на 2005 година претставува пораст од 23,3%. Профилот на ризичност на финансискиот систем е главно детерминиран од ризиците со кои се соочуваат банките, како доминантен дел со учество од 89% во вкупната актива на финансискиот сектор Во услови на интензивна кредитна активност на банките, кредитниот ризик останува доминантен ризик со кој се соочуваат банките. Сепак, и покрај засилениот кредитен растеж, квалитетот на кредитното портфолио на банките не бележи знаци на влошување.
Небанкарските финансиски институции имаат релативно помало значење за стабилноста на финансискиот систем. Секторот осигурување е втор по големина сегмент во финансискиот систем со учество од 7,5% во вкупните средства на финансиските институции. Лизинг друштвата и пензиските фондови имаат поединечно учество од околу 1% во вкупниот потенцијал на финансиските институции. Сепак, со развојот на пазарот на капитал, заокружувањето на реформите во пензискиот систем и влезот на странски стратешки инвеститори во различни делови од финансискиот систем, се очекува зголемување на значењето на овие институции и појавата на нови видови финансиски институции, како што се инвестициските фондови.
Минатата година, исто така, ја одбележа зголемен интензитет на тргувањето со акции и обврзници на Македонската берза, проследен со прилив на странски портфолио инвестиции, кој детерминираше раст на пазарната капитализација и подобрување на ликвидноста на пазарот на капитал. Но од друга страна, зголеменото тргување со акции и растот на нивните цени, истовремено генерира нови ризици, кои најмногу би дошле до израз во случај на создавање на превисоки очекувања за идните остварувања на компаниите-издавачи и цените на нивните акции.
Советот донесе Одлука за начинот и условите под кои резидентите кои не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со оваа Одлука се воведоа нови основи по кои резидентите кои не се овластени банки можат да отвораат и да имаат сметки во странство, се изврши прецизирање на потребната документација за отварање на сметки во странство и се изврши укинување на одобренијата за упис на евиденциски сметки.
Советот донесе Основни политики за сметководствено евидентирање и финансиско известување на Народната банка на Република Македонија. Со овие политики се пропишуваат основните принципи за евидентирање на трансакциите кои произлегуваат од извршувањето на функциите на Народната банка и ќе се користат за финансиско известување на Народната банка во согласност со Законот за НБРМ и Меѓународните стандарди за финансиско известување. Основната промена е во утврдувањето на нов корисен век на употреба на средствата на НБРМ кој се одразува на висината на стапката на амортизација. Со овие политики е дефинирана обврската еднаш годишно да се преоценува корисниот век на средствата на НБРМ и да се преоценува дали постои индикација за оштетување на средствата.
На денешната седница, Советот на НБРМ беше информиран дека продолжуваат позитивните макроекономски движења во македонската економија. Во првата половина од 2007 година е регистрирана годишна стапка на инфлација од 0,9%. Согласно поволните движења во размената со странство, зголемените приливи од приватни трансфери и портфолио инвестиции на нерезиденти, НБРМ на девизниот пазар и натаму остварува нето откуп на девизни средства, што овозможи состојбата на бруто девизните резерви на крајот на јуни 2007 година да се одржи на нивото од крајот на 2006 година и покрај реализираниот висок одлив за отплата на јавниот долг кон Парискиот клуб на кредитори, Светската банка и кон ММФ во вкупен износ од 212 милиони евра. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 11.07.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 5,12%. Растечкиот тренд на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор продолжува, при што во мај 2007 година во однос на истиот месец од претходната година тие се повисоки за 31,3%, односно 32,3%, соодветно.
Кабинет на гувернерот