Скопје, 18.04.2001 година
Соопштение на НБРМ
На 18.04.2001 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXXVII-а седница, на која го усвои Годишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 2000 година, Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 2000 година, Извештајот за ракување со девизните резерви на Република Македонија во 2000 година и Извештајот на внатрешната ревизија за 2000 година. Притоа, членовите на Советот констатираа дека Централната банка во целост ја исполни својата обврска дефинирана со Уставот на Република Македонија и Законот за Народна банка на Република Македонија, а тоа е одржување на стабилноста на цените, односно девизниот курс. Така, стапката на инфлација во 2000-та година, мерена преку трошоците на живот, на декемвриска основа изнесуваше 6,1% годишно. Девизниот курс на денарот, како номинална котва во економијата, остана стабилен, со што уште еднаш се потврди емириски утврдениот факт дека во мала и отворена економија одржувањето на стабилен девизен курс на националната валута е од исклучително значење за ценовната стабилност.
Народна банка на Република Македонија на девизниот пазар во текот на 2000 година реализира нето откуп од 190 милиони САД долари. Со тоа се оствари пораст на девизните резерви на НБРМ од 235 милиони САД долари, пришто, нивното ниво на крајот на 2000 година достигна 714 милиони САД долари, што претставува еквивалент на 4,1 месечен увоз на стоки.
Со укинувањето на кредитните лимити на денарските пласмани на банките во 2000-та година, НБРМ направи целосен премин кон индиректни пазарни инструменти на монетарно регулирање. Денарските пласмани на банките на крајот на 2000 година, споредено со соодветниот период во 1999 година, беа повисоки за 27,8 %. Вкупната ликвидност на банкарскиот систем во текот на 2000 година континуирано се одржуваше на високо ниво, пришто, во услови на намалување на побарувачката за ликвидни средства, нивото на каматната стапка на пазарот на пари во декември 2000 година беше сведено на 7,1% што е за 4,5% процентни поени под нивото на крајот на 1999 година.
Советот уште еднаш го потенцира исклучителното значење на склучувањето на аранжманот со Меѓународниот Монетарен Фонд и Светската банка во 2000 година, т.н PRGF/EFF аранжман за затворање на финансискиот јаз во платниот биланс, како и за целокупниот кредибилитет на државата во светски рамки.
Исто така, во текот на 2000 година беа интензивирани реформите во платниот систем на Република Македонија, кои се очекува да бидат финализирани во текот на 2001 година кога ќе се оствари целосен премин кон т.н РТГС системот (бруто порамнување во реално време кај Централната банка). Со тоа се очекува поефикасно и олеснето управување со ликвидноста од страна на банките и изградување на стандардна финансиска инфраструктура, општо прифатена во светски рамки.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 2000 година, пришто беше констатирано дека во текот на 2000-та година продолжија реформските активности во македонското банкарство и неговата институционална рамка, насочени во правец на изградба на здрав и ефикасен банкарски систем кој треба да биде гаранција за стабилен и одржлив развој на македонската економија. Во таа смисла посебно треба да се истакне донесувањето на новиот Закон за банките, со кој е остварено понатамошно усогласување на законската регулатива со директивите на Европската Унија од областа на банкарството и т.н. 25 Основни принципи за ефикасна банкарска супервизија.
Од извештајот се констатира дека на крајот на 2000 година, степенот на приватизираност на банкарскиот капитал во Република Македонија изнесува 83,5% и споредено со 31.12 1999 година укажува на пораст од 6,7% процентни поени. Доколку, при анализата се изземе банкарската институција, која е целосно во државна сопственост, “Македонска банка за поддршка на развојот”, степенот на приватизираност на останатиот банкарски капитал во Република Македонија изнесува 87,8% или 5,5 процентни поени повеќе во споредба со состојбата на 31.12.1999 година. Анализирано по пооделни банки, степенот на приватизираност се движи во интервал од 61,5% до 100% кај 6 банки.
Во текот на 2000-та година вкупните вложувања на странски капитал во банките во Република Македонија изнесуваа 216,7 милиони германски марки, со што процентот на учество на странски капитал во вкупниот банкарски капитал се зголеми од 19,3 (состојба на 31.12.1999 година) на 40,8% на крајот на декември 2000-та година. Анализата по пооделни банки покажува дека странскиот капитал е присутен во 16 банки, со процентуално учество кое се движи од 0,3 до 100 %.
Совет на Народна банка на Република Македонија