Скопје, 17.04.2003 година
Соопштение на НБРМ
Соопштението за јавноста доставено преку јавните медиуми во Република Македонија од страна на Народна банка на Република Македонија, на 16.04.2003 година, во некои медиуми е парафразирано така што внесува забуни како од аспект на условите за полноважно одлучување за Одлуката за целите и задачите на монетарната политика, така и од аспект на полноважноста на сите останати одлуки кои според член 64 од Законот за Народна банка на Република Македонија се во надлежност на Советот на Народната банка.
За да се избегнат недоразбирања Народна банка на Република Македонија појаснува:
- според член 67 став 1 од Законот за Народна банка на Република Македонија, Советот одлучува со просто мнозинство на гласови на сите членови на Советот на Народна банка на Република Македонија, освен за Одлуката за целите на монетарната политика (став 3 на истиот член) за која полноправно одлучува, доколку за истата гласале “повеќе од две третини од вкупниот број на сите членови”.
Со оглед на изнесеното, сите останати одлуки донесени од страна на Советот во изминатиот период се полноважни, поради тоа што, Народната банка во изминатиот период строго внимаваше на присуството на сите шест члена на седниците на Советот и најмалку пет гласа од членовите на Советот.
- заради погрешна интерпретација во однос на заменикот на гувернерот и вице-гувернерите, Народна банка на Република Македонија појаснува:
Во член 72 од Законот за Народна банка на Република Македонија (“Службен весник на РМ”, бр. 3/2002), е определено дека во Народна банка се именуваат тројца вице-гувернери. За разлика од претходниот Закон за Народна банка на Република Македонија, во Народната банка не се именува заменик на гувернерот, туку само вице-гувернери, а од редот на вице-гувернерите, гувернерот овластува еден кој ќе го заменува.
Напоменуваме исто така дека за комплетирање на Советот на Народната банка, неопходно е да се избере уште еден надворешен член, покрај изборот на најмалку двајца вице-гувернери кои ќе бидат и членови на Советот.
Кабинет на гувернерот