Денес, на својата III седница во оваа година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја разгледуваше Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година и Проекцијата на монетарната политика за 2003 година, како составен дел на таа Одлука.
Скопје, 16.04.2003 година
Соопштение на НБРМ
Денес, на својата III седница во оваа година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја разгледуваше Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година и Проекцијата на монетарната политика за 2003 година, како составен дел на таа Одлука.
Според оваа Одлука, основна цел на монетарната политика во 2003 година ќе биде одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација. Просечната стапка на инфлација, мерена преку движењето на трошоците на животот, во 2003 година е утврдена на ниво до 3%. Основна задача на монетарната политика во 2003 година ќе биде преку регулирањето на номиналната понуда на пари да се обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото, во функција на остварување на целната стапка на инфлација од 3%. За да се оствари оваа задача, согласно проценетата побарувачка на пари, со мерките на монетарната политика ќе се обезбеди зголемување на паричата маса М2-денарски дел од 9,6% на годишно ниво (декември 2003/декември 2002 година).
Монетарната проекција е усогласена со Меѓународниот Монетарен Фонд и е дел од Stand by аранжманот што Владата и Народна банка на Република Македонија го договорија со ММФ и кој се очекува да биде одобрен од Бордот на директори на ММФ на 30.04.2003 година.
Во расправата на седницата, сите шест членови на Советот ја поддржаа Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година и Проекцијата на монетарната политика за 2003 година. Меѓутоа, иако сите шест членови на Советот на НБРМ ја поддржаа Одлуката и Проекцијата, според член 67 од Законот за Народна банка на Република Македонија: “За одлуката за целите задачите на монетарната политика Советот на Народна банка одлучува со повеќе од две третини од вкупниот број на сите членови”. Според тоа, најмалку седум од вкупно девет членови на Советот треба да гласаат “за” за одлуката да биде донесена. Имајќи предвид дека веќе подолго време Советот на Народна банка брои само шест членови и со тоа во голема мерка е отежната работата на Народна банка, Советот на Народна банка на Република Македонија се обраќа уште еднаш, овојпат јавно, до претседателот на Република Македонија кој е надлежен за предлагање на членови на Советот на Народна банка и до Собранието на Република Македонија во што е можно побрз временски рок да извршат именување на членови на Советот. Напоменуваме дека според Законот за Народна банка на Република Македонија двајца од вкупно тројца вицегувернери треба да бидат избрани за членови на Советот.
Советот на Народна банка на Репубика Македонија беше исто така информиран од страна на гувернерот за активностите што тој ги има преземено во досегашниот период за решавање на прашањето за именување на вицегувернери и членови на Советот на Народна банка на Република Македонија.
Кабинет на гувернерот
Прилог: Преглед на дописи испратени од страна на гувернерот на НБРМ до претседателот на Собранието на Република Македонија и до претседателот на Република Македонија за неопходноста од избор на вицегувернери и членови на Советот на НБРМ
Бр. |
Дата |
Испратено до |
Предмет
|
3405 |
26.06.1998 год. |
Г-дин Тито Петковски, претседател на Собранието на РМ |
Предлог за именување на вице-гувернери |
974/1 |
22.03.1999 год. |
Г-дин Саво Климовски, претседател на Собранието на РМ |
Обновен предлог за именување на вице-гувернери |
1948 |
01.06.1999 год. |
Г-дин Саво Климовски, претседател на Собранието на РМ |
Потсетување и укажување за потребата од избор на вице-гувернери |
2201 |
03.07.2001 год. |
Г-дин Стојан Андов, претседател на Собранието на РМ |
Потсетување и укажување за потребата од избор на вице-гувернери |
636 |
18.02.2002 год. |
Г-дин Борис Трајковски, претседател на РМ |
Укажување на потребата за избор на вице-гувернери |
3800 |
25.11.2002 год. |
Г-дин Борис Трајковски, претседател на РМ |
Потсетување за потребата од избор на вице-гувернери и член на Советот на НБРМ и укажување на неможноста да се донесе Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во постојниот состав на Советот поради немање на кворум за донесување на таква одлука |
4062 |
16.12.2002 год. |
Г-дин Никола Поповски, претседател на Собрането на РМ |
Ивестување за потребата од избор на вице-гувернери и член на Советот на НБРМ и укажување на неможноста да се донесе Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во постојниот состав на Советот поради немање на кворум за донесување на таква одлука |
1014 |
20.03.2003 год. |
Г-дин Борис Трајковски, претседател на РМ |
Потсетување за потребата од избор на вице-гувернери и член на Советот на НБРМ и укажување на неможноста да се донесе Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во постојниот состав на Советот поради немање на кворум за донесување на таква одлука |
На сите овие дописи испратени од страна на гувернерот, Народна банка на Република Македонија единствен одговор има добиено од страна на Г-дин Никола Поповски, претседател на Собранието на Република Македонија, на 18.12.2002 година, во кој не известува дека Претседателот на РМ сеуште нема доставено предлози за именување на член на Советот и вицегувернери и укажување дека по доставените предлози, истите ќе бидат ставени на дневен ред на првата наредна седница на Собранието на РМ |