Скопје, 15.11.2001 година
Соопштение на НБРМ
КОИ МОЖНОСТИ ГИ ИМААТ ГРАЃАНИТЕ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ЕВРО БАНКНОТИ
Од почетокот на следната година, во Европа се воведува нова валута која што ќе биде единствено законско средство за плаќање во: Германија, Франција, Австрија, Холандија, Белгија, Луксембург, Италија, Шпанија, Португалија, Финска, Ирска и Грција.
Банкнотите и монетите на валутите на овие 12 земји ќе престанат да бидат законско средство за плаќање заклучно со 28.02.2001 година и до тој датум ќе бидат повлечени од оптек.
Во Република Македонија, евро-банкнотите ќе можат да се заменуваат кај македонските комерцијални банки од 1 јануари 2002 година до 28 февруари 2002 година.
Граѓаните од Република Македонија кои имаат ефективни странски средства за плаќање на некоја од 12-те земји, каде евро банкнотите ќе бидат воведени, имаат на располагање неколку решенија. Сите овие решенија не се еднакво поволни и едноставни од аспект на трошоците и од аспект на сигурноста.
До 31.12.2001 граѓаните ги имаат следните можности на располагање:
Прва можност: Да депонираат ефективни странски средства за плаќање во комерцијалните банки во Република Македонија.
Во тој случај банкнотите кои се повлекуваат од оптек, а се наоѓаат на штедни книшки или на девизна сметка ќе бидат автоматски претворени во евра, без чекање во банките или други трошоци. Тоа е најлесниот, нејефтиниот и најмалку ризичниот начин на замена на парите.
Втора можност: Ефективните странски средства за плаќање да се конвертираат во денари.
Секако, подоцна со денарите ќе може во било кое време да се купат евро банкноти. При тоа треба да се води сметка за разликата помеѓу куповниот и продажниот курс. Но од друга страна, ако денарите се вложат во банка, повисоките камати на денарите би ги компензирале овие трошоци.
Трета можност: Ефективните странски средства за плаќање од 12-те земји каде евро банкнотите ќе бидат воведени, да се конвертираат во други ефективни странски средства за плаќање.
Можен избор се американскиот долар, швајцарскиот франк, британската фунта, јапонскиот јен или некои други помалку познати валути. При таквата трансакција, треба да се има во предвид на вообичаените трошоци на конверзија во банките или во менувачниците при замената и подоцна при повторната конверзија во евро банкноти, како и на можните курсни разлики.
По 01.01.2002 година:
Прва можност: Да се заменат ефективните странски средства за плаќање во комерцијалните банки во Република Македонија.
Втора можност: Да депонираат ефективните странски средства за плаќање во комерцијалните банки во Република Македонија и по одреден временски период да ги подигнат како евро банкноти.
словите и роковите за овие две можности кај секоја комерцијална банка се различни. Затоа најдобро е да се обратите кај Вашата комерцијална банка каде ќе добиете попрецизни информации за условите и роковите. Конкуренцијата помеѓу банките би требало да придонесе овие услови да бидат прифатливи. Особено во случај кога ефективните странски средства во определен рок се депонираат во банките.