Скопје, 15.09.2000 година
Соопштение на НБРМ
УСВОЕНИ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА МОНЕТАРНАТА, ДЕВИЗНАТА И СУПЕРВИЗОРСКАТА АКТИВНОСТ НА НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ ОД 2000-ТА ГОДИНА
На 15.09.2000 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXXII-а седница, на која се разгледуваа и усвоија повеќе извештаи и одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои Полугодишниот извештај на Банката за првата половина од 2000-та година. Монетарната политика и во првото полугодие од 2000-та година имаше за цел одржување на ценовната стабилност, преку одржување на стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на германската марка. Советот на НБРМ заклучи дека порастот на цените на мало во периодот јануари - јуни 2000-та година беше повисок од очекуваниот и не се должи на влијание на монетарни фактори. Имено, порастот на цените на мало во првите шест месеци од 2000-та година е резултат пред се на неочекуваниот пораст на цената на суровата нафта на светските пазари. Притоа, монетарната политика во првото полугодие влијаеше во правец на ограничување на неповолното влијание на немонетарните фактори врз нивото на цените. Монетарните агрегати остварија релативно повисок пораст од проектираниот, кој беше детерминиран од поголемиот прилив на девизи на девизниот пазар и порастот на депозитите во портфолијата на комерцијалните банки. На девизниот пазар, Народна банка на Република Македонија во текот на првите шест месеци од 2000-та година откупи 70,3 милиони американски долари. Девизните резерви на 30.06.2000-та година достигнаа 543,5 милиони американски долари, што претставува покриеност на 3,0 месечен увоз на стоки.
Воедно, во првите шест месеци од 2000-та година, монетарната политика во целост го поддржа високиот економски раст на македонската економија. Имено, во периодот јануари - јуни 2000-та година, вкупните кредити на банките одобрени на субјекти од недржавниот (приватен) сектор се зголемија за 3.728 милиони денари, или за 10,6% во однос на крајот од 1999 година. Притоа, за разлика од првиот квартал од 2000-та година, кога сеуште се применуваа кредитните лимити на денарските пласмани на банките, во вториот квартал од 2000-та година банките можеа во целост да го пласираат својот кредитен потенцијал во стопанството. Ликвидноста на банките во првите шест месеци од 2000-та година беше висока, што доведе до намалување на каматата стапка на пазарот на пари. Имено, каматната стапка на Пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност изнесуваше 11,2%, на годишно ниво и беше за 9,2 процентни поени пониска во споредба со каматната стапка остварена на пазарот во истиот период од 1999-та година.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2000 година. Во извршувањето на супервизорскта функција во првото полугодие од 2000-та година, Централната банка ги превзема следните активности:
-извршени се вкупно 29 теренски супервизорски контроли, од кои 15 се целосни (кај 8 банки и 7 штедилници), а 13 (кај 10 банки и 3 штедилници) се делумни супервизорски контроли. Една контрола е сеуште во тек;
-на барање на Светската банка изработени се дијагностички студии од страна на Артхур Андерсен во соработка со супервизорски тимови од НБРМ на 4 банки, чиј вкупен обем на активности зафаќа 34% од банкарскиот систем на Република Македонија;
Степенот на приватизираност на банките во Република Македонија изнесуваше 80,4%, што споредно со 31.12.1999 година укажува на пораст од 3,6 процентни поени. Доколку при анализата се изземат двете банки кои се во целосна државна сопственост (“Македонска банка за поддршка на развојот” и филијалата на “Т.Ц. Зираат Банкаси” од Република Турција), степенот на приватизираност на останатите банки во Република Македонија изнесува 90,6% или 3,9 процентни поени повеќе во споредба со состојбата на 31.12.1999 година. Инаку, анализирано по пооделни банки, на 30.06.2000 година, степенот на приватизираност се движи во интервал од 72,1% до 100% кај 6 банки.
Учеството на странскиот капитал во вкупниот основачки капитал на банките во Република Македонија на 30.06.2000 година изнесува 33,3% и претставува значителен пораст од 14 процентни поени споредено со состојбата на крајот на декември 1999 година. Порастот е резултат на влезот на странските стратешки инвеститори во Стопанска банка а.д. Скопје. Анализирано по пооделни банки, странскиот капитал е присутен во 15 банки, со процентуално учество кое се движи од 0,3% до 100%.
Показателите за профитабилноста и ефикасноста на банките во Република Македонија во првото полугодие од 2000-та година укажуваат дека во однос на 31.12.1999 година има мало подобрување на профитабилноста кај македонските банки (од 0,5 процентни поени) следен преку стапката на поврат на активата. Имено, стапката на поврат на активата (РОАА) на 30.06.2000 година изнесува 1,3% и укажува дека 100 единици актива на македонските банки генерираат 1,3 единици нето добивка. Македонскиот банкарски систем бележи и подобрување во однос на стапката на поврат на капиталот (РОАЕ), која во однос на 31.12.1999 година е подобра за 2,61 процентни поени и е во рамките на меѓународно прифатениот стандард кој се движи од 5% до 10%.
Иако незначително, за одбележување е намалувањето на учеството на лошите пласмани класифицирани во категориите В, Г и Д во вкупната кредитна изложеност на банките, кое од 41,3%, колку што изнесуваше на 31.12.1999 година е намалено на 39,1% на 30.06.2000 година. Ова укажува дека ефектите од Косовската криза во билансите на македонските банки преведени од состојбите кај претпријатијата веќе се санираат со одредена динамика.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе и повеќе одлуки кои значат тековно операционализирање на монетарните и девизните проекции, како и усогласување со новиот Закон за банки и измените на Законот за девизно работење. Имено беше донесена Одлука за методологијата на утврдување на гарантниот капитал на банките; Одлука за изменување на Одлуката за начинот и условите на купо-продажба на девизи меѓу правните лица во Република Македонија, со која наместо 90 дена, правните лица сега можат девизниот прилив остварен од наплата на извозот да го држат 180 дена, како депозит кај овластените домашни банки за работа со странство. Ваквата одлука е во насока на поголема либерализација на девизното работење; Одлука за измена на Одлуката за условите и начинот на вршење на менувачки работи, согласно која менувачите кои работат во свое име и за своја сметка одсега вишокот на ефектива ќе го понудуваат само на комерцијалните банки, а не и на НБРМ како што беше случај досега.