Скопје, 15.07.1999 година
СРЕДБА ПОМЕЃУ NATIONAL BANK OF GREECE И НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Денешната еднодневна посета на Република Македонија, делегацијата на National Bank of Greece предводена од г-динот Апостолос Тамвакакис, заменик директор, ја започна со посета на Народна банка на Република Македонија, каде што се сретна со гувернерот Љубе Трпески. За време на средбата, г-динот Тамвакакис, го запозна гувернерот Трпески со активностите превземени во периодот од речиси два месеци, во кој оваа Банка имаше интензивни преговори за инвестирање во Стопанска банка а.д. Скопје. Притоа, г-динот Тамвакакис ја истакна цврстата решеност на National Bank of Greece да продолжи со отпочнатите активности во Република Македонија и до крајот на јули 1999 година да ги формализира своите најави за инвестирање во Стопанска банка а.д. Скопје, со поднесување на потребните документи до Народна банка на Република Македонија за добивање согласност за откуп на акции во Стопанска банка а.д. Скопје.
Гувернерот Трпески истакна дека иницијативата на National Bank of Greece е добредојдена и дека најавата за влегување на оваа банка во финансискиот сектор на Република Македонија претставува понатамошно зајакнување на веќе солидно поставените економски односи меѓу Република Грција и Република Македонија. Воедно, гувернерот Трпески истакна дека Народна банка на Република Македонија, како институција која ги контролира банкарските институции, става посебен акцент на постојано исполнување на критериумите на здраво и ефикасно работење. Во таа смисла, Народна банка на Република Македонија во процедурата на лиценцирање на барањето на National Bank of Greece ќе посвети посебно внимание на Планот за деловни активности, кој треба детално да ги содржи идните активности, насоки и стратегија за работа на новите акционери во Стопанска банка а.д. Скопје.
Согласно со тоа, г-динот Тамвакакис изрази уверување дека National Bank of Greece ќе разработи детален план за приод кон целокупниот деловен субјективитет во Република Македонија, бидејќи како што истакна, нивна интенција е тие да делуваат како македонска банка. Основна цел на Банката по влегувањето на странскиот стратешки инвеститор, ќе биде понатамошно развивање на работата со население, но интензивно ќе работат и на полето на развивање на финансиските услуги на претпријатијата и големите корпорации. Банката ќе биде соодветно кадровски екипирана и модерно компјутеризирана.
National Bank of Greece е комерцијална банка, која во својата земја нуди најразлични финансиски услуги. Банката располага со околу 50 милјарди долари актива и оваа година очекува една милијарда долари профит пред оданочивање, како групација. Банката котира на берзата во Грција. Во однос на нејзината распространетост, National Bank of Greece располага со 600 филијали во Грција и 100 надвор од Грција. Нејзината стратегија за регионална ориентација ја потврдува и нејзината присутност во Бугарија, Албанија и Романија.
На крајот на средбата, гувернерот Трпески истакна дека со најавата за влез и во финансискиот сектор на Република Македонија, Република Грција е на добар пат на листата на трговски партнери на Република Македонија од трето место на страната на извозот, односно четврто на страната на увозот, да се искачи на првото место и да прерасне во најзначаен надворешно трговски партнер на Република Македонија.