Каматна стапка на аукциите на благајнички записи
Скопје, 15.06.2010 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Народна банка на Република Македонија (НБРМ) донесе одлука за намалување на каматната стапка на аукциите на благајнички записи на НБРМ за еден процентен поен, од 6% на 5%, годишно. Клучно значење за ваквата одлука има континуитетот на поволните трендови на девизниот пазар, со што амбиентот за спроведување на монетарната политика и натаму е релативно поволен. Имено, во мај и изминатиот период од јуни, на девизниот пазар НБРМ реализира нето-откуп на девизи, што придонесе за натамошен раст на бруто девизните резерви. Со состојба на 04.06.2010 година, бруто девизните резерви изнесуваат 1.694,5 милиони евра, при што постојното ниво на девизните резерви обезбедува 4,3 месечна покриеност на проектираниот увоз на стоки и услуги од следната година.
Сѐ уште слабата домашна побарувачка којашто доведе до намален увоз, закрепнувањето на извозот во услови на стабилизирање на глобалната побарувачка и поповолни услови на размена, како и очекувањата на економските субјекти за поголема стабилност, значително придонесуваат за поволните трендови на девизниот пазар. Во надворешнотрговската размена, и покрај зајакнатиот пораст на увозот во април, сепак растот на извозот останува поинтензивен и кумулативно за првите четири месеци од годината трговското салдо е пониско за 22,7% во однос на истиот период од претходната година. Динамиката на приватните трансфери и натаму е значително подобра од очекувањата, што претставува сигнал за помали перцепирани ризици за стабилноста на домашната валута. Констатацијата за послаба домашна побарувачка е поддржана и преку податоците за кредитниот пазар на банките, на кој иако се забележува раздвижување, сепак и натаму е со умерено темпо. Имено, според прелиминарните податоци, кредитниот раст во мај изнесува 4,4% годишно и постепено се приближува до проектираниот раст за крајот на вториот квартал од 5,3%. Од друга страна, инвестициите на банките во безризични инструменти од почетокот на годината до сега растат со интензивна динамика, покажувајќи постоење расположливи средства за инвестирање и сѐ уште присутни оцени на банките за неизвесност и ризик за економската активност.
Ризиците поврзани со случувањата во Грција и нивните директни и индиректни ефекти врз домашната економија и натаму се присутни. Но, мерките преземени од страна на Европската унија, поддржани од ММФ, во насока на креирање финансиски механизам за зачувување на финансиската стабилност и спречување потреси на финансиските пазари, се охрабрувачки. Трендот на намалување на каматната стапка на НБРМ, отпочнат од крајот на 2009 година, очекуваме да се одрази поволно врз кредитната активност на банките, со позитивни ефекти врз реалниот сектор на економијата. НБРМ внимателно ги следи случувањата и доколку е потребно соодветно ќе реагира. Од клучно значење е тоа што постојното ниво на девизни резерви овозможува амортизирање на евентуални негативни трендови во наредниот период.
Кабинет на гувернерот