Скопје, 15.06.2001 година
Соопштение на НБРМ
По повод веста објавена во некои медиуми, за промените во акционерската структура во Македонска банка, до Народна банка се обратија повеќе новинари барајќи одредени појаснувања.
Согласно член 11 став 1 од Законот за банките (Сл. Весник на РМ бр. 63/2000), за стекнување, постапно или одеднаш, акции чиј вкупен кумулативен, номинален износ изнесува 10%, 20%, 33%, 50% и 75% од вкупниот број на акции со право на управување со банката, без оглед на тоа дали акциите ги стекнува едно или повеќе поврзани лица, потребна е претходна согласност од Народна банка. Според тоа, за секоја промена на сопственичката структура на акции со право на управување со банката, која не го надминува износот од 10% по поединечен акционер и со него поврзани лица, не е потребна претходна согласност од страна на Народна банка.
Од документацијата која Македонска банка АД Скопје ја има доставено до Народна банка на Република Македонија, констатирно е дека сите купопродажби на акциите не го надминуваат поединечно износот од 10%.
Во врска со прашањата за потеклото на парите на купувачите на акциите, според Законите, други органи се надлежни да вршат испитувања, доколку постојат индиции за сомневање.
Исто така, во врска со прашањата за тоа кој е надлежен за спроведување на одлуките од Уставниот суд, ги замолуваме новинарите да се обратат до Уставниот суд на Република Македонија.
Народна Банка на Република Македонија