Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата тринаесетта седница, на којашто ги разгледа и ги усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во првото полугодие од 2010 година и Полугодишниот извештај, јануари - јуни 2010 година
Во Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во првото полугодие од 2010 година е заклучено дека во првата половина од 2010 година банките во Република Македонија продолжија да работат стабилно и со поголема внимателност, што се манифестира преку задржувањето на нивото на ризици во контролирани рамки, како и одржувањето релативно висока ликвидност и стабилна солвентност.
Во првата половина од 2010 година е регистрирано забрзување на динамиката на раст на вкупните активности на банките. На 30.06.2010 година, вкупната актива на банкарскиот систем достигна 282,3 милијарди денари. Споредено со крајот на 2009 година, таа оствари пораст од 5,1%.
Кредитниот ризик остана доминантен во работењето на банките. Бавното темпо на закрепнување на корпоративниот сектор и на секторот „население“, проследено со с? уште ограничените извори за рефинансирање, имаше негативно влијание врз нивната способност за отплата на долгот кон банките. Учеството на изложеноста класифицирана во категориите на ризик „В“, „Г“ и „Д“ во вкупната изложеност на кредитен ризик забележа пораст од 0,5 процентни поени во споредба со 31.12.2009 година и на 30.06.2010 година изнесуваше 8,6%. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити се зголеми за еден процентен поен и на крајот на јуни достигна 10,1%. Исто така, показателот за нивото на покриеност на изложеноста класифицирана во категориите „В“, „Г“ и „Д“ со издвоени исправка на вредност и посебна резерва се влоши и на 30.06.2010 година изнесуваше 79,6% (полугодишно намалување за 2,8 процентни поени).
Во првите шест месеци на 2010 година, ликвидноста на банкарскиот систем се подобри. На 30.06.2010 година, ликвидните средства на банките достигнаа ниво од 76.358 милиони денари (годишен пораст од 53,3%). Тие обезбедуваат задоволително ниво на покриеност на депозитите на населението и вкупните краткорочни обврски од 56,2% и 41,3%, соодветно.
Профитабилноста на банките и натаму е пониска во споредба со претходните години. Вкупната добивка на банките за првите шест месеци на 2010 година изнесуваше 497 милиони денари, што е помалку за 23% отколку во истиот период од 2009 година. Стапките на поврат на активата и на капиталот бележат натамошно намалување и на крајот на јуни тие изнесуваа 0,4% и 3,2%, соодветно (на 30.06.2009 година овие стапки изнесуваа 0,5% и 4,3%, соодветно).
Банките продолжија да одржуваат висока солвентна позиција. На 30.06.2010 година, стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарскиот систем достигна 16,5% (два пати повеќе од законски пропишаниот минимум од 8%). Според спроведените стрес-тест симулации од страна на Народната банка, банкарскиот систем и поединечни банки покажуваат релативна отпорност на влијанието на можните надворешни шокови.
Во Полугодишниот извештај се констатира дека во периодот јануари - јуни 2010 година, макроекономскиот амбиент за спроведување на монетарната политика беше релативно поволен. Позитивните трендови на девизниот пазар, започнати во второто полугодие на минатата година, продолжија и во првото полугодие од оваа година и заедно со подобрите прогнози за надворешниот сектор отворија простор за понатамошно олабавување на монетарната политика. Во овој период НБРМ изврши намалување на основната каматна стапка во пет наврати, за вкупно 3,5 процентни поени, сведувајќи ја на 5% во јуни.
Поволните движења на девизниот пазар се резултат на поволните трендовите во надворешниот сектор, кои се во согласност со закрепнувањето на глобалната економија и постабилните очекувања. Дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања, во првите шест месеци од годината се сведе на 1,7% од БДП, наспроти 6,6% во првото полугодие од минатата година. Тоа, главно, се должи на стеснувањето на трговскиот дефицит и повисоките приливи од приватни трансфери. Во првото полугодие од 2010 година е остварен пораст на бруто девизните резерви од 110,8 милиони евра, така што на крајот на јуни тие изнесуваа 1.708,4 милиони евра.
Во првата половина од 2010 година инфлацијата се одржуваше на ниско и стабилно ниво и изнесуваше 0,8%. Растот на потрошувачките цени пред сe се должи на повисоките цени на енергентите, како и на административното зголемување на цената на електричната и топлинската енергија од почетокот на годината. Економската активност во првата половина на 2010 година забележа реален пад од 0,4%, што произлегува во целост од регистрираниот реален пад на БДП од 1,1% во првиот квартал. Во вториот квартал се забележани, генерално, поповолни движења, при реален раст на БДП од 0,4%, што упатува на постепено закрепнување на економијата.
Во рамки на банкарскиот сектор, во првото полугодие продолжи трендот на раст на депозитниот потенцијал и на кредитната активност. Вкупните депозити во јуни, споредено со крајот на претходната година забележаа пораст од 8,3%, при што новото штедење во првата половина на годината претставуваше 94% од прирастот на штедењето во текот на цела 2009 година. Од аспект на депозитите, депонентите повторно претпочитаат да штедат во домашна валута. Проширувањето на изворите на финансирање, постабилниот макроекономски амбиент и олабавувањето на монетарната политика, од вториот квартал на годината наваму, доведоа до забрзување на годишниот раст на кредитната активност на банките. Кредитите одобрени на приватниот сектор на крајот на првото полугодие на 2010 година се повисоки за 4% во однос на крајот на претходната година. Притоа, новото кредитирање во првото полугодие го надминува износот на кредити пласиран во текот на целата претходна година. Од секторски аспект, кредитите на претпријатијата и на населението се зголемија во однос на крајот од претходната година за 4,6% и 3%, соодветно. Доминантна улога во растот на кредитирањето имаа кредитите на корпоративниот сектор, со придонес од околу 70%. Во прилог на заживувањето на кредитната активност беа и намалените каматни стапки на банките. Така, во јуни денарската и девизната активна каматна стапка изнесуваа 9,6% и 7,3%, соодветно, што во однос на декември 2009 година претставува намалување од 0,7 процентни поени и 0,3 процентни поени, соодветно. Истовремено, денарската и девизната пасивна каматна стапка изнесуваа 7% и 3,1%, односно се пониски споредено со крајот на претходната година за 0,5 процентни поени и 0,3 процентни поени, соодветно.