На 13.12.2001 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата 93-та седница, на која ја разгледа Проекцијата на монетарната политика за 2002 година и ја усвои Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2002 година.
Скопје, 13.12.2001 година
Соопштение на НБРМ
На 13.12.2001 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата 93-та седница, на која ја разгледа Проекцијата на монетарната политика за 2002 година и ја усвои Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2002 година.
Основна цел на монетарната политика во 2002 година ќе биде одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација. Просечната стапка на инфлација, мерена преку движењето на трошоците на животот, во 2002 година е утврдена на ниво од 2,5%. Основна задача на монетарната политика во 2002 година ќе биде преку регулирањето на номиналната понуда на пари да се обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото. За да се оствари оваа задача, согласно проценетата побарувачка на пари, со мерките на монетарната политика ќе се влијае на зголемување на паричната маса М2-денарски дел во 2002 година да изнесува 7,4%.
Согласно Проекцијата на монетарната политика за 2002 година, монетарната политика ќе биде ориентирана кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, како номинално сидро во економијата. Со оглед на повлекувањето на германската марка и другите валути на земјите на ЕМУ и нивната замена со единствената европска валута ЕВРО, во 2002 година НБРМ преминува кон врзување на девизниот курс на денарот за еврото. Преку одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, монетарната политика ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност, како крајна цел и најадекватен амбиент за остварување на долгорочно одржлив економски раст. Во функција на поддршка на економската активност, за 2002 година е предвиден пораст на вкупните кредити на банките одобрени на недржавниот сектор за 3.059 милиони денари, или за 6,8%. Бруто девизните резерви на НБРМ, се очекува да се одржуваат на ниво од 4-месечен просечен увоз на стоки.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе Одлука за привремено финансирање на НБРМ во периодот од 1 јануари, 2002 година до донесувањето на Финансискиот план на Народна банка на Република Македонија за 2002 година.
Кабинет на гувернерот