Скопје, 13.10.2003 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата VIII седница, на која ја разгледа и усвои Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година и Проекцијата на монетарната политика за 2003 година, како составен дел на таа Одлука. Исто така, Советот разгледа и усвои повеќе извештаи и одлуки од девизната и супервизорската област.
Со неодамнешното именување од страна на Собранието на Република Македонија на вицегувернерите: Емилија Нацевска и Фатмир Бесими за членови на Советот на Народна банка на Република Македонија (член 57 од Законот за НБРМ, Сл.весник на РМ бр. 3/2002 и 51/2003), Советот во моментов го сочинуваат 8 од вкупно 9 членови. Според тоа, Советот на Народна банка може полноважно да одлучува за донесување на Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година. На својата трета седница, одржана на 16.04.2003 година, Советот на Народна банка ја прифати Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година, но истата не беше донесена поради немање кворум на Советот во услови на неименуван доволен број на членови. На денешната седница, Советот ја усвои Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 2003 година и Проекцијата на монетарната политика за 2003 година.
Во август 2003 година, во текот на редовната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во рамките на Stand by аранжманот (склучен на 30.04.2003 година) беше извршено ревидирање на макроекономската програма утврдена на почетокот на годината, врз основа на последните расположиви податоци за остварените движења во дотогашниот период од 2003 година и промена на некои од претпоставките на кои беше базирана првичната проекција.
Основна цел на монетарната политика во 2003 година е одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација. Просечната стапка на инфлација, мерена преку движењето на трошоците на животот, во 2003 година е утврдена на ниво од 1,8%. Основна задача на монетарната политика во 2003 година е преку регулирањето на номиналната понуда на пари, да се обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото, во функција на остварување на целната стака на инфлација од 1,8%. За да се оствари оваа задача, согласно проценетата побарувачка за пари, со мерките на монетарната политика се обезбедува зголемување на паричната маса М2-денарски дел од 12,4% на годишно ниво (декември 2003/декември 2002 година).
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои Полугодишниот Извештај јануари-јуни 2003 година, Притоа, Советот констатира дека, во првото полугодие од 2003 година беа регистрирани позитивни макроекономски движења, изразени преку остварениот реален пораст на БДП од 2,2% во првиот квартал и 3,0% во вториот квартал од 2003 година во споредба со истиот период од 2002 година. Постепеното консолидирање на економијата и нормализираните услови на работење придонесоа индустриското производство за прв пат по две години да оствари пораст во првата половина од годината (од 3,5%).
Во првата половина од 2003 година продолжи континуитетот во одржувањето на ценовната стабилност, што претставува остварување на основната и законски утврдена цел на монетарната политика. Така, во првата половина од 2003 година беше остварена ниска и стабилна стапка на инфлација од 0,3%, при истовремено стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото.
Во првото полугодие од 2003 година, монетарната политика се спроведуваше во амбиент на натамошно стабилизирање на економските текови, прудентна фискална политика и стабилен банкарски систем, како предуслови за постепено релаксирање на монетарната политика. Така, во текот на првите шест месеци од 2003 година беше извршено двократно намалување на каматните стапки на НБРМ (есконтната стапка и стапката на ломбардните кредити), промена на поставеноста на аукциите на благајнички записи (премин кон “тендер со износи” со фиксна каматна стапка од 7% од средината на април 2003 година) и промени кај задолжителната резерва (унифицирање на стапките на издвојување на задолжителна резерва на денарските депозити во април и воведување на обврска за издвојување задолжителна резерва на девизните депозити во јуни).
Во текот на првата половина од 2003 година, банките преку интензивирана кредитна активност обезбедија соодветна финансиска поддршка на економијата. Така, вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор на крајот на јуни 2003 година изнесуваа 45.284 милиони денари и во однос на крајот од претходната година беа повисоки за 1.075 милиони денари, или за 2,4% (годишен пораст 2,8%). Основни фактори кои во првите шест месеци од годината делуваа во насока на интензивирано кредитирање се:
намалениот ризик на земјата и намалениот кредитен ризик;
проширувањето на депозитната база на банките;
намалената обврска за издвојување на задолжителна резерва;
постепеното, умерено намалување на активните каматни стапки на банките;
диверзифицираната понуда на банкарски кредити.
Покрај засилената динамика на кредитирање, регистрирани се и позитивни квалитативни поместувања во структурата на пласманите со поголемо учество на долгорочните пласмани во вкупните пласмани, што укажува на иницирање на развојната улога на банките.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои Извештајот за ракување со девизните резерви на Република Македонија во првото полугодие од 2003 година. Притоа, беше констатирано дека девизните резерви на Република Македонија на 30.06.2003 година го достигнаа нивото од 803 милиони САД долари, што во споредба со 31.12.2002 година кога изнесуваа 735 милиони САД долари претставува пораст од 68 милиони САД долари. Состојбите со девизните резерви се на задоволително ниво од четири месечна покриеност на увозот на стоки и услуги, при што поставените таргети со Stand-by аранжманот со ММФ се постигнати и надминати за 10 мил. САД долари, а при нивното управување и ракување од страна на Народна банка се запазени законските можности и принципи на сигурност, ликвидност и рентабилност.
Кон крајот на јануари 2003 година, се изврши модификација на начинот на работење на девизниот пазар во правец на подобрување на ефикасноста на неговото функционирање. Ваквата модификација значеше и воведување на нови оперативни процедури во работењето на Народна банка. Со овие процедури, Народна банка интервенира на девизниот пазар според пазарни правила и постојано се грижи за одржување на ликвидноста на истиот.
Исто така, во текот на првото полугодие, Народна банка започна да инвестира дел од девизните резерви во долговни хартии од вредност со цел да изврши диверзификација на пласманите и намалување на кредитниот ризик, зголемување на профитабилноста и намалување на сензитивноста на нивото на профитабилноста во однос на промените на каматните стапки на меѓународните пазари.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во првото полугодие од 2003 година. Активностите на банкарската супервизија на Народна банка во текот на првото полугодие од 2003 година може да се сублимираат преку следното:
натамошно унапредување на регулативната рамка на банкарската супервизија;
лиценцирање на банки, т.е. издавање дозволи за основање и работа на банки, како и издавање на согласности на банките според основите утврдени во Законот за банките;
надзор на работењето на банките и штедилниците преку вонтеренско следење и непосредни теренски супервизорски контроли;
преземање на корективни активности спрема банките и штедилниците.
На 30.06.2003 година во Република Македонија имаше 21 банка и 16 штедилници. Притоа, од вкупниот број на банки, 18 банки имаа дозвола за вршење на финансиски работи, кои вклучуваат платен промет со странство и кредитно гаранциски работи со странство, додека останатите 3 банки имаа дозвола за вршење на платен промет и кредитно гаранциски работи во земјата. Просечната стапка на адекватност на капиталот на крајот на првата половина од 2003 година изнесуваше 27,2%. Релативно високото ниво на адекватност на капиталот на банките во Република Македонија, од една страна покажува дека нивната солвентна позиција е стабилна, но од друга страна, покажува ниско ниво на финансиска интермедијација во земјата.
Според член 55 од Законот за Народна банка, Народна банка на Република Македонија полугодишните извештаи ќе ги поднесе до Собранието на Република Македонија и ќе ги објави на својата страница на интернет.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе повеќе одлуки од девизната и супервизорската област, кои претставуваат усогласување со промените на законската регулатива.
Исто така, Советот на Народна банка на Република Македонија беше информиран за текот на одржаните билатерални преговори, минатата недела, помеѓу делегаците на Република Македонија и Руската Федерација по основ на клириншкиот долг, како и за неодамна потпишаниот меморандум за супервизорска соработка помеѓу Народна банка на Република Македонија и Бугарската Народна банка.
Кабинет на гувернерот