Во врска со коментарите од некои електронски и печатени медиуми за политиката на курсот на денарот и на извештајот од Маѓународниот Монетарен Фонд “Проценка на стабилноста на финансискиот систем во Република Македонија“, Народната банка на Република Македонија до јавноста го објаснува следното:
Скопје, 12.12.2003 година
Соопштение на НБРМ
Во врска со коментарите од некои електронски и печатени медиуми за политиката на курсот на денарот и на извештајот од Маѓународниот Монетарен Фонд “Проценка на стабилноста на финансискиот систем во Република Македонија“, Народната банка на Република Македонија до јавноста го објаснува следното:
Согласно методологија која се базира на следење на ценовните промени во земјата во однос на другите земји трговски партнери согласно меѓународно прифатените критериуми, Народна банка повторно укажува на реалното ниво на девизниот курс на денарот. Реалноста на курсот е потврдена и по методологијата на Меѓународниот Монетарен Фонд - ММФ, што е јасно кажано не само во погоре наведениот извештај туку и во извештаите кои конкретно се однесуваат на макроекономската стабилност на земјата и во кои оценките се дека макроекономската стабилност во Република Македонија е постигната и успешно оддржувана подолг временски период. Според тоа, се додека реалноста на девизниот курс е на ниво со кое се овозможува конкурентност на домашниот извоз и го поддржува развојот на домашната економија во стабилни и пазарни услови, Народна банка ќе продолжи со политика на стабилен девизен курс и уште еднаш посочува дека нема опасност од девалвација. Извозниците кои очекуваат врз непазарни услови, поддржани со постојани девалвации, да остваруваат високи профити, нема да наидат на поддршка од Народна банка. Со цел надминување на ваквите дилеми, Народна банка ги повикува наводните експерти на кои се повикуваат новинарите кои имаат поинакво видување да ги презентираат своите методологии и пресметки и ја докажат неадекватноста на постојниот девизен курс на денарот.
Погоре наведениот Извештај е изработен врз основа на заедничка мисија на ММФ и Светската Банка која во периодот мај-јуни престојуваше во земјата со цел да изврши согледување на развојот на финансискиот систем во изминатата “турбулентна декада“, како што во извештајот ја нарекуваат авторите, од независноста на Република Македонија, како и да дадат препораки за понатамошниот развој со цел интегрирање на земјата во меѓународните процеси.
Согласно политиката на овие институции, извештајот се објавува само ако надлежните институции во земјата дадат согласност. Со фактот што од Владата на Република Македонија и Народната банка е дадена согласност за неговото објавување, се потврдува определбата на државните органи за транспарентност и достапност на овие информации не само на домашната туку и на светската јавност.
Во сублиматот на експертите до Бордот на директори на ММФ, јасна е констатацијата дека многуте надворешни и внатрешни конфликти предизвикани од политичките превирања во регионот во изминатиот десетгодишен период, негативно се одразија врз развојот на финансискиот сектор, додека во последните години има подобрување во ефикасноста и стабилноста на банкарскиот систем во целина. Во прилог на ова се наведуваат странските инвестиции во некои од домашните банки, отпочнатиот процес на спојување на помалите банки, намалувањето на каматните стапки, како и зајакнувањето на банкарската супервизија. Бидејќи процесите на усогласување на финансискиот сектор со меѓународните токови и достигнувања на развиените економии се постојани, во нивниот извештај секако се содржани и препораки за идните активности кои се разбира се прифатени од надлежните органи во државата, што се потврдува со фактот на давање согласност за негово објавување. Меѓународната “Новогодишна шлаканица“ која ја доби гувернерот “Народната банка на Република Македонија е добро-управувана институција“ содржана во точката 24 од Извештајот, е новогодишната честитка која гувернерот ја праќа до македонската јавност со порака дека така ќе продолжи и понатаму.
Новинарските коментари на овој обемен извештај само можат да ја дезинформираат јавноста и да внесат немир кај граѓаните, бидејќи е потребно негово стручно апсолвирање и познавање на состојбите. Како пример би го навеле новинарскиот коментар, …да ја обелодени улогата …, а не да го третира како “врвна тајна“…, на препораката Народна банка да ја зголеми транспарентноста во врска со нејзината улога позајмувач на пари во крајна инстанца. Препораката од експертите се однесува на промена во законската регулатива со која јасно би се дефинирала функцијата на Народна банка на позајмувач во крајна инстанца при појава на краткорочна неликвидност кај одделна банка, како и транспарентно јавно објавување на оваа можност до целата јавност, со цел да се постигне поголема доверба и сигурност во банкарскиот сектор кога се знае дека и централната банка е присутна во премостување на ликвидноста. Овој вид на кредити се сосема друг инструмент од ломбардните кредити. Информацијата за одобрените кредити по пооделни банки е и секогаш ќе биде “врвна тајна“ не само за Народна банка туку и за сите централни банки во светот.
Кабинет на гувернерот