Скопје, 12.09.2002 година
Соопштение на НБРМ
Во предизборната кампања во која не се вклучени само партиите кои се борат да ги придобијат гласачите, туку и пооделни новинари, не остана поштедена ниту Народната банка на Република Македонија.
Така на 31.08.2002 година во весникот “Вечер” беше објавен сензационалистички напис под наслов: “Дали е на повидок нов “ТАТ” во режија на Трифун Костовски”, во кој се прозива Народната банка.
Демантот даден од Дирекцијата за супервизија при Народната банка, дека Еуросвисс банката не може да биде “ТАТ”, бидејќи нема дозвола да прибира депозити од населението и дека Народната банка не само што ги знае кои се акционерите, туку бараше и обезбеди податоци и за тоа, кои се и акционерите на акционерите на Еуросвисс банка, беше нецелесно објавен во истиот весник на 12-та страна во едно ќоше.
“Утрински весник”, во денешниот број, му се “реваншираше” на “Вечер” со уште посензационалистички напис: “НБМ н даде на власта 20 милиони долари за кампања”.
Вистината е следната. Од осамостојувањето до денес, со одлуки на Владите, почнувајќи од експертската па до денешната и со одлуки на Советот на НБМ, се користат дел од девизните резерви со кои ракува НБМ, за овозможување на комерцијалните банки од нашата земја полесно да добијат кредитни линии од странски банки за разни намени: кредитирање на извозни зделки, откуп на пченица, грозје, тутун, купување амбасади и сл. Такви се и последните две одлуки што ги коментира новинарката Виолета Цветковска.
Кредитната линија што “Електростопанство” ја зеде од странска банка за проектот “Стрежево”, за чија реализација беше распишан меѓународен тендер и на кој победи фабриката за заварени цевки “11 Октомври” од Куманово, според информациите што ги имаме, “11 Октомври” ги користи строго наменски.
Знаејќи ја професионалната репутација и политичката провиниенција на раководството на “11 Октомври” многу е мала веројатноста дека тие би се впуштиле да прават злоупотреби со тој кредит, а најмалку да ја финансираат предизборната кампања на некоја од партиите на власт.
Другата одлука, за финансирање на откупот на пченицата, не е почната да се реализира, затоа што банките и соодветните министерства не се имаат сеуште договорено, околу обезбедувањето на кредитите што би ги дале на банките за откупот на пченицата.
Спрема тоа, од тој “надуен балон” - “НБМ и даде на власта 20 милиони долари за кампања”, вистината е дека, досега, наменски, фабриката “11 Октомври” од Куманово има искористено дел од кредитот за проектот “Стрежево”.
Ако се има тоа во предвид, не монетарен удар, туку, мозочен удар ги удрил професорката што го дава тој коментар и новинарката која го пишува тоа. Единствен точен податок во спомнатиот напис е дека банките пливаат во ликвидност. Добрата страна на тоа е, што, банките, и покрај тоа што имаат вишок на ликвидност, не се “залетуваат”, во одобрувањето на кредити, туку бараат кредитите да бидат добро обезбедени, а лошата страна е што и покрај високата парична понуда, каматите на кредитите што банките ги одобруваат на крајните корисници, никако да се намалат, иако во меѓувреме, каматата на благајничките записи од НБМ падна од 20% на 9%, а на Пазарот на пари каматите паднаа на 11%. Тоа е и една од причините зошто кредитните линии добиени од странски банки се попримамливи за стопанството бидејќи се со двојно пониска камата.
Почитувани новинари, банките работат на основа на довербата што ја имаат во нив депонентите. Требаше многу напор да ја вратиме изгубената доверба на населението во нашите банки. Со вакви и слични на овие написи, може многу лесно повторно да се изгуби таа доверба. Затоа апелираме до новинарите да не ја рушат стекнатата доверба на населението во банките со вакви сензационалистички написи.
Народната банка и понатаму, успешно како и досега ќе ја извршува својата основна функција - одржување на ценовната стабилност и стабилност на девизниот курс, му се допаѓало тоа некому или не.
НБРМ