Скопје, 10.03.1998 година
Советот на Народна банка на Република Македонија на 09.03.1998 година ја одржа својата LXIII - та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од делокругот на работењето на Централната банка. Притоа, Советот особено се задржа на прашањата од монетарната и девизната сфера, при што се анализираа најновите движења во овие области и се констатира дека остварените монетарни и девизни движења во првите два месеца од 1998 година се во согласност со целите и задачите на монетарната и девизната политика. Истовремено, се констатира дека на планот на инфлацијата се остварени подобри резултати од проектираните. Во рамките на оваа дискусија, Советот на Народна банка на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за ракување со девизните резерви во текот на 1997 година.
Анализирајќи ја тековната монетарна политика, Советот на Народна банка на Република Македонија особено внимание посвети на политиката на каматните стапки во Република Македонија. Притоа, имајќи го предвид ниското ниво на инфлација и стабилниот девизен курс на денарот, Советот на НБРМ оцени дека просечните номинални активни каматни стапки во 1997 година од 21,4% годишно, го надминуваат нивото на профитабилноста на работењето на стопанските субјекти и не дозволуваат висока експанзија на економскиот растеж. Исто така, Советот оцени дека каматните маргини помеѓу активните и пасивните каматни стапки (10 процентни поени) се исклучително високи.
За надминување на овие состојби, Советот на Народна банка на Република Македонија усвои повеќе мерки кои треба да придонесат за пазарно намалување на каматните стапки. Мерките главно се насочени во два домена: а/ намалување на трошоците на работењето на банките, заради што Советот донесе Одлука за зголемување на каматната стапка која Народна банка на Република Македонија им ја плаќа на комерцијалните банки на издвоените средства во задолжителна резерва од 3,4% на 6,3%, на годишно ниво, почнувајќи од април 1998 година; и б/ зајакнување на супервизорските стандарди заради подобрување на ефикасната алокација на финансиските ресурси од страна на комерцијалните банки во кредитно способни претпријатија.
Покрај превземените мерки од доменот на работењето на Народна банка на Република Македонија, Советот предложи превземање на мерки од доменот на работењето на останатите носители на економската политика и комерцијалните банки, а се состојат во следното: а/ ревидирање на постојната даночна политика која има негативни ефекти врз штедењето, посебно во делот на двојното оданочување на приходите на банките од камати и персоналниот данок на приходи од камати; б/ забрзување на активностите околу формирањето на кредитниот регистер, со цел креирање на квалитетна информациона база на податоци за степенот на задолженост на поодделни должници кај банкарскиот систем: в/ подобрување на ефикасноста на работењето на судски органи при решавањето на финансиските спорови; г/ конципирање на внатрешни политики, процедури и стандарди на банките за одобрување на кредити, за поквалитетно управување со кредитното портфолио и поефикасна наплата на побарувањата; д/ формирање на "prime rate" од страна на банките за првокласните должници, итн.
Советот донесе Одлука со која се продолжуваат реформите во платниот промет и инструментите на монетарно регулирање. Така, почнувајќи од април 1998 година, износот на големите плаќања кои се извршуваат преку комерцијалните банки е намален од 10 милиони денари на 5 милиони денари. Истовремено, Советот истакна дека претстојната 1998 година ќе биде одбележана со "мини" реформа во поглед на инструментите на монетарното регулирање, која ќе значи постепено напуштање на инструментот ограничувањето на кредитните пласмани на банките и се поголемо насочување кон пазарни инструменти за монетарно регулирање.
Совет на Народна банка на Република Македонија