Скопје, 09.04.1999 година
Денеска (09.04.1999 год.), во Народна банка на Република Македонија - гувернерот Љубе Трпески и министерот за финансии Борис Стојменов, одржаа состанок со директорите на банките - овластени за работа со странство на кој се дискутираа ефектите врз работењето на банките кои се јавуваат како последица на воените активности во СР Југославија.
По обемната дискусија во која учествуваа гувернерот, министерот за финансии и директорите на банките се констатира и потврди дека:
1.Психозата на повлекување на штедните влогови и подигање на депозитите, манифестирана во првите денови на воените дејствија врз СР Југославија е надмината и последните денови има тенденција на повторно депонирање на веќе подигнатите средства и зголемување на штедните депозити.
Девизните заштеди на населението се пласирани во првокласни странски банки, така што девизната ликвидност на банките е висока и сигурноста на штедните депозити загарантирана.
Покрај тоа, министерот за финансии ги информираше банкарите дека Владата има намера да изврши пренос на сметките на јавните претпријатија што се наоѓаат кај Народна банка на Република Македонија, во деловните банки, како би се подобрила денарската ликвидност на банките.
Исто така, министерот за финансии ги запозна банкарите за начинот на кој ќе бидат користени средствата од кредитот што Меѓународната банка за обнова и развој итно ќе го одобри на Република Македонија.
2.Договорено е исто така, министерот за финансии и гувернерот на Народна банка на Република Македонија секој до своите колеги во странство, особено во земјите со кои Република Македонија има најинтензивни економски односи, да испратат писма заради нивен придонес во охрабрувањето на банките во нивните земји за нормално продолжување со финансиските трансакции со македонските банки.