Советот на Народна банка на Република Македонија на 08.04.1999 година ја одржа својата LXX-та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од монетарната, девизната и супервизорската сфера.
Скопје, 08.04.1999 година
Советот на Народна банка на Република Македонија на 08.04.1999 година ја одржа својата LXX-та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од монетарната, девизната и супервизорската сфера.
Советот на Народна банка на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за 1998 година. Притоа, констатирано е дека во 1998 година е сочувана макроекономската стабилност при истовремено забрзување на економскиот пораст, изразен преку реален пораст на бруто домашниот пораст од 2,9%. Истакнато е дека монетарната политика ја оствари крајната цел - одржување на стабилноста на цените, така што во 1998 година просечната годишна стапка на инфлација изнесуваше 0,8%. Истовремено, остварена е и посредната цел на монетарната политика, бидејќи е одржана стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на германската марка на утврденото ниво. Советот посебно ја истакна улогата на Народна банка на Република Македонија во одржувањето на ценовната стабилност и нејзините напори за успешно надминување на силните притисоци врз девизниот курс на денарот во текот и по парламентарните избори.
Во 1998 година остварен е пораст на паричната маса и кредитите на банките во обем кој овозможи нормално одвивање на процесот на репродукција, а притоа не беа предизвикани проинфлаторни движења. Порастот на паричната маса М1 во 1998 година изнесуваше 8,5% и беше во рамките на проектираниот пораст договорен со ЕСАФ аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд, додека порастот на кредитите на банките изнесуваше 9,3%. Во 1998 година Народна банка на Република Македонија оствари нето откуп на девизи во вкупен износ од 35,4 милиони САД долари, односно за 8,4 милиони САД долари повеќе од проектираниот износ.
На екстерен план, констатирано е дека во 1998 година Народна банка на Република Македонија редовно ги сервисираше обврските спрема странство.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за ракувањето со девизните резерви на Република Македонија во 1998 година. Притоа, истакнато е дека бруто девизните резерви на Народна банка на Република Македонија на крајот од 1998 година достигнаа ниво од 333,5 милиони САД долари, додека нето девизните резерви изнесуваа 232 милиони САД долари. Констатирано е дека во 1998 година во ракувањето со девизните резерви Народна банка на Република Македонија се придржуваше на принципите на сигурност, ликвидност и профитабилност.
Советот го разгледа и усвои и Извештајот за извршени контроли и преземени мерки од страна на Народна банка на Република Македонија во 1998 година, во кој се презентирани супервизорските наоди по поодделни банки и штедилници. Констатирано е дека во текот на 1998 година супервизорите на Народна банка на Република Македонија извршиле 92 теренски контроли на банки и штедилници, што во однос на 1997 година претставува зголемување за 37 контроли. Тоа укажува на значително интензивирање на контролните активности и целосно реализирање на Годишниот план за контроли на банки и штедилници. Во текот на 1998 година Народна банка на Република Македонија поднела 12 барања за поведување на прекршочни постапки против одредени финансиски институции и нивните работоводни органи, како и две кривични пријави.
Советот го разгледа и усвои и Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 1998 година, во кој се презентирани супервизорската функција на Народна банка и структурата и перформансите на банкарскиот систем на Република Македонија во 1998 година. Истакнато е дека во 1998 година се издадени дозволи за основање на три финансиски институции: “Македонска банка за поддршка на развојот” а.д. Скопје, “Зираат Банкаси” - филијала на странска банка и штедилница “Фулм” д.о.о. Скопје, а одземени дозволите за работа на три штедилници. Со тоа, на крајот од годината во Република Македонија функционираа 22 банки, 2 филијали на странски банки и 18 штедилници. Во 1998 година банките во Република Македонија остварија позитивен финансиски резултат во висина од 1,1 милијарда денари, што претставува непроменето ниво во споредба со 1997 година. Констатирано е дека на крајот на 1998 година агрегатниот коефициент на адекватноста на капиталот на банкарскиот систем во Република Македонија изнесуваше 25,9%, што е над пропишаното ниво од 8%.
Советот донесе одлука со која лимитот на нивото на депозити што штедилниците можат да ги прибираат е зголемен од ниво од 1,5 пати на ниво од 2 пати од оснивачкиот капитал на штедилниците. Донесената Одлука е во функција на подобрување на профитабилноста и стабилноста на штедилниците.