Скопје, 04.12.2000 година
Соопштение на НБРМ
Повод: Несоодветно цитирање на податоците за состојбата на долгот на Република Македонија
Последниве денови во медиумите се користат и се коментираат различни податоци за состојбата на надворешниот долг на Република Македонија, што побуди и зголемено интересирање на јавноста и новинарите, за тоа која е причината за разликата помеѓу податоците. Имено, се споредува бројката на Народна банка на Република Македонија (која е официјален податок) и бројката на Светската банка, која е претходен (недефинитивен) податок и кој е публикуван во студијата The Road to Stability and Prosperity in South Eastern Europe - A Regional Strategy Paper изработен од Светската банка, од одделот за Европа и Централна Азија во март 2000-та година за потребите на конференцијата за Пактот за стабилност.
Објективните научници или новинари секогаш кога има расположив дефинитивен податок го користат тој податок. Така, според официјалните податоци кои Република Македонија ги доставува и до меѓународните финансиски институции, состојбата на долгот на Република Македонија изнесува:
на 31.12.1999 година - 1.423, 82 милиони САД долари
на 30.06.2000 година - 1.438, 07 милиони САД долари
на 30.09.2000 година - 1.400, 78 милиони САД долари
Постојат повеќе критериуми според кои се оценува степенот на задолженост на една земја. Така, на основа на следните параметри: состојба на надворешен долг на ден 31.12.1999 година во износ од 1.423,82 милиони долари (среднорочен и долгорочен) и 54,96 милиони САД долари (краткорочен); сервисирани обврски од 140,84 милиони долари; отплати на камата од 46,14 милиони долари; просек на општествен бруто производ од 3.579,27 милиони долари и извоз на стоки и услуги од 1,418,25 милиони долари, во Народна банка на Република Македонија се пресметани следните показатели за степенот на задолженост на Република Македонија во 1999 година:
1/ Вкупен надворешен долг спрема бруто домашен производ - 42,02%
Според критериумите на Светската банка, степенот на задолженост според овој показател се дефинира на следниот начин:
ако показателот надминува 50% - земјата се рангира како високо задолжена
ако показателот има вредност од 30 до 50% - земјата се рангира како умерено задолжена
показателот е под 30% - земјата се рангира како ниско задолжена
Со оглед на тоа што овој показател за Република Македонија има вредност од 42,02%, нашата земја спаѓа во групата на земји со умерена задолженост.
2/ Вкупен надворешен долг спрема извоз на стоки и услуги - 106,06%
Според критериумите на Светската банка, степенот на задолженост според овој показател се дефинира на следниот начин:
ако показателот надминува 275% - земјата се рангира како високо задолжена
ако показателот има вредност од 165% до 275% - земјата се рангира како умерено задолжена
ако показателот е под 165% - земјата се рангира како ниско задолжена
Со оглед на тоа што овој показател за Република Македонија има вредност од 106,06%, нашата земја спаѓа во групата на земји со ниска задолженост.
3/ Вкупно сервисирање на долгот спрема извоз на стоки и услуги - 9,93%
Според критериумите на Светската банка, степенот на задолженост според овој показател се дефинира на следниот начин:
ако показателот надминува 30% - земјата се рангира како високо задолжена
ако показателот има вредност од 18% до 30% - земјата се рангира како умерено задолжена
- ако показателот е под 18% - земјата се рангира како ниско задолжена
Со оглед на тоа што овој показател за Република Македонија има вредност од 9,93%, нашата земја спаѓа во групата на земји со ниска задолженост.
4/ Вкупни отплати на камата спрема извоз на стоки и услуги - 3,25%
Според критериумите на Светската банка, степенот на задолженост според овој показател се дефинира на следниот начин:
ако показателот надминува 20% - земјата се рангира како високо задолжена
ако показателот има вредност од 12% до 20% - земјата се рангира како умерено задолжена
- ако показателот е под 12% - земјата се рангира како ниско задолжена
Со оглед на тоа што овој показател за Република Македонија има вредност од 3,25%, нашата земја спаѓа во групата на земји со ниска задолженост.
Според препораките на Светската банка, доколку три од четири показатели за степенот на задолженост влегуваат во ист вредносен интервал, земјата се класифицира во соодветната група на задолженост. Во тој контекст, согласно наведените пресметки, Република Македонија спаѓа во групата на земји со ниска до умерена задолженост, бидејќи три од четирите показатели се во првиот (најнискиот) вредносен интервал.
Кабинет на гувернерот