Скопје, 04.10.2007 година
Соопштение на НБРМ
Народната банка внимателно ги следи изјавите на раководството на Македонска банка АД Скопје и на АД Јака 80 Радовиш дадени во текот на изминатите неколку дена. Она што е јасно е дека тие не ги негираат фактите кои на 02.10.2007 година Народната банка i ги соопшти на јавноста во врска со начинот на кој се извршени последните промени во сопственичката структура на Македонска банка АД Скопје. Оттука, Народната банка не ја разбира нервозата кај менаџментот на АД Јака 80 Радовиш и на Македонска банка АД Скопје и потребата од закани против лица вработени во Народната банка кои во изминатиот период стриктно ги применувале законските прописи во рамки на своите законски овластувања. Во врска со решенијата на гувернерот со корективни мерки Македонска банка АД Скопје и во изминатиот период поднесувала жалби и тужби. Во сите случаи жалбите и тужбите на Македонска банка АД Скопје се одбиени од страна на Советот на Народна банка или од страна на Врховниот суд на Република Македонија, а со тоа и решенијата на гувернерот со корективни мерки се потврдени.
Заради објективно информирање на јавноста, а особено имајќи го предвид соопштението на фирмата АД Јака 80 Радовиш пласирано до јавноста на 03.10.2007 година, рокот за продажба на акции на АД Јака 80 Радовиш во Македонска банка АД Скопје не беше 3 месеци како што истакнува АД Јака 80 Радовиш во посоченото соопштение, туку повеќе од 2 години. Фактите се следните:
- Народната банка уште во јули 2005 година донесе решение со кое утврди дека АД Јака 80 Радовиш повеќе не ги исполнува условите да биде акционер со квалификувано учество во банка и определи рок од 6 месеци во кој акционерот требаше да го сведе своето учество во акционерскиот капитал на Банката под 10%. Овој рок акционерот не го испочитува.
- Акционерот положи депозит во Македонска банка АД Скопје и поднесе барање да му биде продолжен рокот за продажба на акциите за уште 12 месеци. Народна банка го прифати барањето и го продолжи рокот. Акционерот не го испочитува ниту новиот рок.
- Народната банка го донесе последното решение во јули 2007 година со кое на АД Јака 80 Радовиш и беше одземена согласноста за акционер со квалификувано учество во банка и беше утврден рокот 30.09.2007 година, во кој акционерот своето учество во акционерскиот капитал на банката требаше да го сведе под 5%.
Согласно информациите со кои располага Народна банка, во целиот период од повеќе од 2 години откако му беше изречена мерката, акционерот не прифатил понуда од најмалку еден потенцијален купувач. Патем, до Народната банка стигнаа информации од заинтересираниот инвеститор кој неодамна вршеше длабинско снимање на Банката дека Македонска банка АД Скопје не била кооперативна и не ги обезбедила сите потребни податоци за да може инвеститорот да добие реална слика за состојбата во Банката. Овие информации од страна на нашата амбасада во земјата од која доаѓа оваа банка се испратени и до соодветните ресорни министерства во Владата на Република Македонија.
Како што беше истакнато и на 02.10.2007 година, Народната банка моментно презема соодветни контролни дејствија со кои се испитува постапката за преносот на акциите од АД Јака 80 Радовиш на лицата кои во моментот се заведени во акционерската книга на Македонска банка АД Скопје. Дополнителна информација е дека АД Јака 80 Радовиш новоформираните 16 фирми ги продала на правни и физички лица по драстично пониска цена од вредноста на која само десетина дена претходно е проценет капиталот на тие фирми, односно вредноста на акциите во Македонска банка АД Скопје. Во врска со вака добиените информации Народната банка ги координира своите активности со други надлежни институции во Република Македонија.
Зачудува фактот што 16-те лица кои се впишани во акционерската книга на Македонска банка АД Скопје не реагираат на активностите кои ги презема менаџментот на Банката и АД Јака 80 Радовиш, а со кои името на Банката се користи во потенцијално лоша конотација и се изложува на репутационен и правен ризик. Ова за Народната банка е лош сигнал за нивното познавање на банкарските ризици, квалитетот на нивното корпоративно управување и можноста во Банката да воспостават ефикасен систем на корпоративно управување во согласност со стандардите утврдени во Законот за банките.
Кабинет на гувернерот