Скопје, 04.06.2001 година
Соопштение на НБРМ
Народна банка на Република Македонија извршувајќи ја својата со Уставот доделена функција - одржување макроекономска стабилност, од среда (06.06.2001 година) почнува да емитува благајнички записи кои ќе можат да ги купуваат преку банките и правните лица во Република Македонија. Благајничките записи се со рок од 3, 7, 14, и 28 дена. Каматата што ја плаќа Народна банка на Република Македонија изнесува 13%, 14%, 14% и 15% соодветно, на годишно ниво.
По истекот на рокот на кој што гласат благајничките записи, истите можат да се продадат на НБРМ, или да се продолжи нивниот рок, по волја на имателот на благајничките записи и во зависност од монетарната политика на Народна банка на Република Македонија во тој период.
Исто така, Советот на Народна банка на Република Македонија денеска донесе одлука за зголемување на стапката на задолжителната резерва за 1,5 процентни поени.
Овие и уште неколку други мерки што ги превзема или ќе ги превзема, Народна банка на Република Македонија се во функција на:
- одржување на ценовната стабилност;
- стабилност на девизниот курс на денарот;
- запирање на намалувањето на девизните резерви и др.
Истовремено, со овие мерки Народна банка на Република Македонија придонесува буџетската политика полесно да ги изврши своите задолженија во делот на одбраната на земјата.
Народна Банка на Република Македонија