Засилување на соработката меѓу банкарските супервизорски власти на Југоисточна Европа
Скопје, 03.10.2008 година
Соопштение на НБРМ
Засилување на соработката меѓу банкарските супервизорски власти на Југоисточна Европа
На покана на г. Иван Искров, гувернер на Бугарската народна банка, гувернерите на Банката на Албанија, Бугарската народна банка, Централната банка на Босна и Херцеговина, Централната банка на Кипар, Народната банка на Република Македонија, Банката на Грција, Централната банка на Црна Гора, Народната банка на Романија и Народната банка на Србија, како и директорите на Банкарските агенции на Босна и Херцеговина и Република Српска, го одржаа нивниот редовен состанок во Софија на 03.10.2008 година.
Состанокот се одржа во рамките на мултилатералниот Меморандум на разбирање, кој беше договорен на состанокот во Атина во јули 2007 година и насочен кон натамошна напредна соработка од областа на банкарската супервизија во Југоисточна Европа (ЈИЕ) и зачувување на финансиската стабилност во регионот. Ова е третиот редовен состанок на банкарските супервизорски власти на ЈИЕ, по состанокот одржан во Солун во почетокот на 2008 година. На средбата беа земени предвид заклучоците од состанокот на директорите на дирекциите за банкарска супервизија, кој се одржа вчера, на 02.10.2008 година, во Софија.
Гувернерите на централните банки забележаа дека последиците врз економиите на земјите од ЈИЕ од превирањето на меѓународните финансиски пазари, коешто започна во 2007 година и се засили последниве месеци, се индиректни и, засега, ограничени. Во моментов, банките кои се најприсутни во регионот, не се директно изложени на пазарите коишто се најдоа под силен притисок. Економиите на земјите од ЈИЕ и натаму покажуваат цврстина, силен економски пораст и отпорност на влошувањето на глобалното финансиско и економско опкружување. Како и да е, гувернерите потврдија за зголемената несигурност во однос на перспективата на економиите на земјите на ЈИЕ, којашто произлегува од понатамошното забавување на стапките на пораст во светското производство и трговија во случај на пролонгиран период на глобално финансиско нарушување.
Врз основа на изнесеното, тие ја нагласија важноста од постоење стабилни финансиски и економски фундаменти во регионот. Во услови на динамичен пораст на кредитите, регистриран во многу земји во регионот, нивните супервизорски власти будно ги следат ликвидносните услови на банките и кредитниот развој, со цел заштита на квалитетот на банкарското кредитно портфолио и финансиската стабилност. Исто така е важно во многу земји од регионот да се засилат политиките за фискалните, приходните и структурните реформи со цел да се релативизираат инфлациските притисоци и нерамнотежата на надворешната тековна сметка.
Гувернерите на централните банки решија:
1. Освен редовната размена на информации, да се врши и размена на квантитативните и квалитативните информации за развојот на банкарските системи на ЈИЕ, не само на годишна туку и на ад хок основа;
2. Подготовка и чување Листа на надлежни банкарски супервизори за секоја банкарска група од ЈИЕ со прекугранични активности;
3. Воспоставување и одржување специјална експертска група за стрес-тестирање, чијашто цел ќе биде развој на методологијата за вршење стрес-тестови на ниво на банкарска група, за секоја банкарска група од ЈИЕ со прекугранични активности, којашто работи во регионот;
4. Натамошно промовирање на функционирањето на Колеџите за супервизори за банкарските групи од ЈИЕ со прекугранични активности, коишто работат во регионот на ЈИЕ врз основа на Образецот за мултилатерални пишани договори на ЦЕБС за кординација и соработка меѓу супервизорскитеоргани на матичната земја и земјата домаќин.
Беше усогласено наредниот состанок на гувернерите на ЈИЕ да се одржи во септември 2009 година во Романија.
Кабинет на гувернерот