Протокол за поблиска и поинтензивна соработка помеѓу централните банки од регионот
Скопје, 03.05.1998 година
На 01.05.1998 година, на покана на г-дин Гази Ерчел, гувернер на Централната банка на Република Турција, во Истанбул престојуваше гувернерот на Народна банка на Република Македонија, д-р Љубе Трпески, каде заедно со гувернерите на централните банки на Балканските земји, земјите од Црноморскиот регион и Централна Азија потпишаа Протокол за соработка помеѓу централните банки. Од присутните земји, единствено Централната банка на Грција не го потпиша Протоколот, но остави можност тоа да го стори во следните месеци.
Основна цел на Протоколот е воспоставување на поблиска и поинтензивна соработка помеѓу централните банки од регионот, на полето на монетарната економија, финансиите и банкарството. Во тој поглед, централните банки потписнички на Протоколот за соработка ќе се стремат кон унапредување и размена на податоци и информации од монетарниот, финансискиот и банкарскиот домен; подобрување на досегашните податоци од областа на монетарната и платнобилансната статистика; превземање на студии и истражувања од областа на финансиите и монетарната економија, потребни за одржување на економска и финансиска стабилност во регионот; формирање на експертски групи, со цел истражување на одредени централно банкарски аспекти; организација на семинари и курсеви, и давање на взаемна техничка помош.
За време на состанокот беше потенцирана улогата на централните банки во одржувањето на финансиската стабилност, како неопходен предуслов за економски растеж на земјите. Воедно, гувернерите на централните банки на земјите потписнички очекуваат Протоколот да поттикне поинтензивна соработка и во доменот на супервизијата врз банките и штедилниците.
На состанокот централните банки на земјите потписнички на Протоколот за соработка формираа Секретаријат, кој ќе ротира секои две години, заедно со функцијата Претседател и Потпретседател. Првите две години Секретаријатот ќе биде со седиште во Турција, а за претседател беше избран гувернерот на Централната банка на Турција, г-дин Гази Ерчел. За потпретседател беше избран гувернерот на Централната банка на Романија, г-дин Мугур Исарерску. Состаноците на гувернерите ќе се одржуваат двапати годишно, додека експертските групи од централните банки на земјите потписнички на Протоколот квартално, а по потреба и почесто.
Со потпишувањето на Протоколот, гувернерите на централните банки дадоа придонес во унапредувањето на сестраната соработка помеѓу земјите од регионот.