Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXIV -та седница
Скопје, 03.04.1998 година
Советот на Народна банка на Република Македонија на 02.04.1998 година ја одржа својата LXIV -та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од монетарната, девизната и контролната функција на Народна банка на Република Македонија.
Членовите на Советот на Народна банка на Република Македонија го разгледаа и усвоија Годишниот Извештај за 1997 година. Притоа, беше констатирано дека монетарната политика во целост ја оствари крајната цел - одржување на стабилноста на цените, при што во 1997 година инфлацијата изнесуваше 4,5%, на горишно ниво. Истовремено, во 1997 година е остварен пораст на бруто домашниот производ од 1,5%, а воедно по извршената девалвација на денарот во јули, е одржан стабилен курс на денарот во однос на германската марка.
Монетарната политика во првата половина од 1997 година се спроведуваше во поинакви услови од очекуваните, особено во надворешно трговското - работење каде што беше остварен висок дефицит во трговскиот биланс, што услови недостиг на девизи на девизниот пазар. Одржувањето на стабилноста на девизниот курс во такви услови предизвика поголема рестриктивност на монетарната политика и губење на девизните резерви. Ваквите движења беа причина во јули 1997 година да се изврши корекција на девизниот курс на денарот во однос на германската марка од 27 на 31 денар за една германска марка.
Како резултат на девалвацијата, во второто полугодие од 1997 година дојде до зголемување на конкурентната способност спрема странство, забрзување на порастот на паричната маса, подобрување на ликвидноста во стопанството и пораст на девизните резерви. Така, во 1997 година паричната маса М1 оствари пораст од 15,2% додека кредитите на банките се зголемија за 18%. На тој начин, беа обезбедени доволно средства за нормално одвивање на репродукциониот процес, без притоа да се предизвикаат проинфлаторни движења. Воедно, во истиот период Народна банка на Република Македонија од девизниот пазар откупи вишок од 44 милиони американски долари. Истовремено, обврските спрема странство беа редовно сервисирани, а Република Македонија ја заврши 1997 година со надворешен долг од 1,1 милијарда американски долари. Тоа значи дека Република Македонија влегува во групата на ниско-средно задолжени земји. Во 1997 година, дефицитот во тековната сметка на платниот биланс изнесуваше 276 милиони американски долари.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за извршените контроли и за преземените мерки од стана на Народна банка на Република Македонија во 1997 година. Во Извештајот се презентирани контролните функции на Народна банка на Република Македонија, како и структурата и квалитетот на банкарскиот систем во Република Македонија. Притоа, беше констатирано дека просечната стапка на адекватност на капиталот во банкарскиот систем на Република Македонија е 27,3%, што е за 19,3 процентни поени над законски пропишаниот процент од 8%. Во текот на 1997 година, Народна банка на Република Македонија презела корективни активности против 21 штедилница и 9 банки, при што на крајот на 1997 година, 5 штедилници и 9 банки сеуште се под корективни мерки. Истовремено, заради констатирани неусогласености со законската регулатива, во 1997 година се одземени дозволите за работа на 8 штедилници. Банките во Република Македонија во 1997 година остварија нето добивка од 1,1 милијарда денари.
Имајќи ги предвид остварените тековни реални и монетарни движења и Проекцијата на монетарната политика, Советот на Народна банка на Република Македонија донесе Одлука денарските пласмани на банките и штедилниците во второто тримесечје од 1998 година да може да се зголемат за 708 милиони денари, или за 4,7% во однос на нивната состојба од 28.02.1998 година. Воедно, за да се овозможи поефикасно работење на штедилниците, Советот донесе Одлука за зголемување на износот на штедни влогови кои тие може да го приберат и тоа од 1 на 1,5 пати од висината на нивниот капитал.
На крајот, Советот донесе Одлука секоја менувачница која има дозвола за работење од Народна банка на Република Македонија, да добие посебна етикета која ќе биде истакната на видно место во менувачницата. На тој начин граѓаните ќе имаат подобар увид во тоа кои менувачници се регистрирани и работат согласно со законските прописи.
Совет на Народна банка на Република Македонија