Скопје, 03.03.2006 година
Почнувајќи од 07.03.2006 година Министерството за финансии, во соработка со Народна банка на Република Македонија, ќе започне со емисија на државни хартии од вредност за монетарни цели. Државните хартии од вредност за монетарни цели се должнички хартии од вредност издадени од Министерството за финансии во име на Република Македонија, кои, за разлика од постоечките државни хартии од вредност, нема да бидат дел од јавниот долг, бидејќи се издаваат за потребите на монетарната политика.
Целта на воведувањето на државни хартии од вредност за монетарни цели е создавање на похомоген пазар на државни хартии од вредност, односно постепено намалување на пазарната сегментација меѓу актуелните државни хартии од вредност кои ги издава Министерството за финансии и благајничките записи кои ги издава Народната банка. Воведувањето на државни хартии од вредност за монетарни цели ќе овозможи зголемување на износот на хартии од вредност што се очекува да го поттикне развојот на секундарниот пазар на државни хартии од вредност во Република Македонија.
Државните хартии од вредност за монетарни цели ќе се издаваат на редовните аукции на државни хартии од вредност и ќе ги имаат истите карактеристики како редовните државни хартии од вредност, кои се издаваат за финансирање на потребите на Буџетот на Република Македонија. Во таа смисла, од аспект на потенцијалните инвеститори и двата типа на државни хартии од вредност ќе имаат потполно еднакви карактеристики (иста рочност, ист начин на продажба, уплата и исплата и сл).
Во текот на оваа година се предвидува емисија на државни хартии од вредност за монетарни цели во вкупен износ од 3 милијарди денари, како резултат на што истовремено ќе се намали понудата на благајнички записи. Годишниот износ на државни хартии од вредност кои ќе бидат емитирани за монетарни цели може да биде ревидиран во текот на годината во зависност од макроекономските движења.
Информации за планираните износи на нето-повлекувања на државните хартии од вредност за монетарни цели ќе бидат објавувани во Календарот за емисија на државни хартии од вредност на квартална основа. Исто така, во Проспектот за државни хартии од вредност ќе биде наведен износот на државни хартии од вредност за монетарни цели од вкупниот износ на државни хартии од вредност.
Согласно веќе објавениот Проспект за емисија на државни хартии од вредност на аукцијата на 07.03.2006 година, Министерството за финансии ќе понуди вкупен износ од 950 милиони денари, од кои 650 милиони денари за 3-месечни, а 300 милиони денари за 6-месечни државни записи. Од понудениот износ на 3-месечни државни записи, 400 милиони денари се наменети за монетарни цели.
КАБИНЕТ НА МИНИСТЕРОТ КАБИНЕТ НА ГУВЕРНЕРОТ
Љупка Миндошева Богољуб Јанкоски