Народната банка на Република Македонија домаќин на 23. Годишна конференција на групацијата на банкарски супервизори од Централна и Источна Европа (БСЦЕЕ)
Скопје, 02.07.2010 година
Народната банка на Република Македонија домаќин на 23. Годишна конференција на групацијата на банкарски супервизори од Централна и Источна Европа (БСЦЕЕ)
Во периодот од 15 до 17 Јуни 2010 година, Народната банка на Република Македонија беше домаќин на 23-тата Годишна конференција на Групацијата на банкарските супервизори од Централна и Источна Европа (БСЦЕЕ). На минатогодишната Конференција во Минск, Белорусија, Народната банка на Република Македонија беше избрана за претседавач на Групацијата за 2010 година. Претседателствувањето е во траење од една година.
Оваа групација е формирана во 1991 година во Будимпешта од страна на супервизорските органи на шест земји: Бугарија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија, Словaчка и Русија. Во 1996 година, по препорака на Базелскиот комитет за банкарска супервизија (БЦБС), на Меѓународната конференција на банкарски супервизори (ИЦБС) одржана во Стокхолм, тогашните 16 земји-членки на оваа групација склучија спогодба за меѓусебна соработка во доменот на банкарската супервизија.
Основната цел на оваа групација е поддршка на соработката помеѓу нејзините членки, како и нивна обука и унапредување, а воедно, таа претставува и форум за размена на знаења и искуства помеѓу членките. Една од целите на оваа групација е да го олесни процесот на интеграција на супервизорските органи на нејзините членки во европскиот систем на банкарска супервизија.
Република Македонија е членка на Групацијата од 1996 година, а во овој момент во неа членуваат супервизорските органи од 21 земја.
Конференцијата чиј домаќин беше Народната банка на Република Македонија, се одржа во хотелот „Горица“ во Охрид, а истата ја отвори гувернерот на Народната банка, г. Петар Гошев. На Конференцијата присуствува првите луѓе на банкарските супервизорски органи од (по азбучен редослед): Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Литванија, Полска, Русија, Словенија, Словачка, Србија, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора, Чешка.
Во работниот дел на Конференцијата учесниците ги разменија своите искуства за две исклучително актуелни теми во моментов: (1) Лекциите научени од глобалната економска криза и преземените мерки за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и (2) Стандардите и мерењето на ликвидносниот ризик, со осврт на националните мерки преземени во текот и после кризата. За овие две теми, во Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, во тек се меѓународни дискусии, чија цел е изнаоѓање најсоодветни начини за унапредување на банкарската регулатива и зајакнување на отпорноста на банкарските системи.
Во улога на гости и презентери, на конференцијата присуствува и претставници на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) од Базел, Швајцарија, од Европската централна банка и на една интернационална банкарска групација.
Во слободните часови интернационалните гости имаа можност да ги запознаат и да уживаат во убавините на Охрид и Охридското езеро.