Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот на НБРМ ја разгледа информацијата за Методологијата за анализа на финансиската стабилност во Република Македонија. Следејќи го примерот на современите централни банки, НБРМ започна со анализа на финансиската стабилност. Со оглед на комплексноста на оваа активност, НБРМ подготви методологија, која дава систематизиран приказ на техниките и методите за прибирање, обработка, анализа и објавување на податоци врз основа на кои се оценува финансиската стабилност. Оваа методологијата опфаќа четири целини: макропрудентна анализа; анализа на движењата и остварувањата на секторот нефинансиски институции; анализа на големината, композицијата и остварувањата на финансискиот систем и анализа на финансиската инфраструктура на земјата. Суштински сегмент на оваа методологија е дефинирање на начинот на пресметка и анализа на индикаторите за финансиска стабилност, кои се утврдени согласно методологијата што ММФ ја воведе во 2006 година.
Заради понатамошен развој и продлабочување на пазарот на државни хартии од вредност, Советот на Народна банка изврши дополнување на постоечките Правила за начин и постапка за тргување и порамнување на трансакции со хартии од вредност на пазари преку шалтер, воведувајќи обврска за банките за секојдневно котирање на куповни и продажни цени на државни хартии од вредност. Со дополнувањето на Правилата се предвидува банките да котираат куповни и продажни цени (за хартии од вредност кои ги поседуваат), минимум за последната емисија на државни хартии од вредност од секоја рочност. Котираните цени би се применувале кај трансакции до 1.000.000,00 денари и истите би служеле како информациска основа за формирање на цените кај трансакции со поголеми износи. Заради зголемување на транспарентноста и информираноста на инвеститорите, котациите на банките ќе се објавуваат на интернет страницата на НБРМ и ќе им бидат достапни на останатите инвеститори, што ќе влијае во насока на зголемување на интересот за купување хартии од вредност и зголемување на нивната ликвидност.
Советот на НБРМ ја разгледа месечната информација 11/2006 и беше информиран за најновите макроекономски движења во Република Македонија. Притоа, беше констатирано дека во 2006 година е задржана ценовната стабилност, како основна цел на НБРМ. Просечната стапка на инфлација во 2006 година изнесуваше 3,2% и беше детерминирана главно од зголемувањето на акцизите на тутунот на почетокот на годината, повисоките цени на производите за исхрана и на енергентите. Во услови на високи приливи во економијата од приватни трансфери од странство, и покрај зголемениот трговскиот дефицит, на тековната сметка од платниот биланс во периодот јануари - октомври 2006 година, за првпат од осамостојувањето на државата, е регистриран суфицит од 93 милиони евра (наспроти дефицитот од 26 милиони евра во истиот период од минатата година), делумно и заради тоа што немаше одлив на девизи од земјата по основ на исплата на дивидендата на една голема компанија. Високиот нето откуп на девизни средства од страна на НБРМ на девизниот пазар, заедно со приливот од приватизацијата на ЕСМ Дистрибуција, детерминираа пораст на бруто девизните резерви во 2006 година од 444 милиони евра (корегирано за приливот од еврообврзниците во декември 2005 година, кои на почетокот на 2006 година беа искористени за плаќање на долгот кон Лондонски клуб). Стапката на пораст на вкупните депозити на приватниот сектор кај банките во 2006 година изнесуваше 27,9%. Истовремено, вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор се зголемија за значителни 30,5%, при што пласманите кај населението се зголемени за 42,7%, а кај претпријатијата за 25,2%. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 31.01.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 5,58%.
Советот го разгледа и Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал на 2006 година.