Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 02.02.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот усвои Одлука за изменување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоци за услуги што ги врши Народна банка на Република Македонија, со која се намали за три пати бројот на задолжителните единици кои треба да ги оствари секој носител на платен промет во системот за порамнување на НБРМ- МИПС. Со намалувањето на бројот на задолжителни единици се намалуваат трошоците на банките за секоја отворена сметка при вршењето на платниот промет, што треба да придонесе за зголемување и подобрување на безготовинскиот платен промет.
Советот го разгледа Конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на финансиските извештаи за 2004 година на Народна банка на Република Македонија. Во Извештајот на државниот завод за ревизија е констатирано дека финансиските извештаи кои се предмет на ревизијата се во согласност со меѓународните сметководствени стандарди и истите ја претставуваат вистинито и објективно во сите значајни аспекти финансиската состојба на Народна банка на Република Македонија за 2004 година и резултатот на финансиските активности за 2004 година. Според мислењето на Државниот завод за ревизија остварено е законско и наменско користење на средствата, кои претставуваат расходи во текот на 2004 година.
Советот ги разгледа најновите макроекономски движења при што констатираше дека во 2005 година е задржана ценовната стабилност во економијата, како основна цел на монетарната политика на НБРМ, при што просечната стапка на инфлација во 2005 година изнесува 0,5%. Индустриското производство во 2005 година оствари пораст од 7%, додека во надворешнотрговската размена е регистрирано намалување на трговскиот дефицит за 50,6 милиони евра, или за 5%. Поволните движења во екстерниот сектор резултираа со значаен нето откуп на девизни средства од страна на НБРМ на девизниот пазар, што детерминираше пораст на бруто девизните резерви од 256 милиони евра во однос на крајот на 2004 година (без вклучување на девизниот прилив од еврообврзниците од 150 милиони евра, кои на почетокот на 2006 година беа искористени за плаќање на долгот кон Лондонски клуб).
Стапката на пораст на вкупните депозити во 2005 година во однос на 2004 година изнесува 18,3%, рефлектирајќи го натамошното зајакнување на склоноста кон штедење и повисоката доверба во банкарскиот систем. Истовремено, вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор во 2005 година во однос на 2004 година се зголемија за 20,5%. Во услови на висока ликвидност, по преминот кон тендер на каматни стапки и пазарно формирање на каматните стапки на аукциите на благајнички записи на НБРМ во октомври, се оствари нивно постепено намалување и нивното сегашно ниво е околу 7%. На крајот на 2005 година беа исполнети квантитативните таргети утврдени со аранжманот со ММФ, а кај таргетот нето меѓународни резерви остварено е значајно натфрлање од 158 милиони евра.
Советот на денешната седница ја донесе Ревизорската програма за работа на внатрешната ревизија за 2006 година.
Кабинет на гувернерот