Скопје, 01.12.2003 година
Соопштение на НБРМ
Во врска со објавите што беа пласирани во некои електронски и печатени медуими последниве денови за наводната загрозеност на девизните резерви, поради нивната употреба за одбрана на курсот на денарот, Народна банка на Република Македонија со ова соопштение го објаснува на јавноста следното:
На девизниот пазар на Република Македонија, како и на пазарите на другите земји, во текот на годината постои сезонска неусогласеност на понудата и побарувачката за девизи во зависност од извозните и увозните активности на домашната економија. Така, Народна банка во текот на третиот квартал од годината, во услови на повисока понуда од побарувачка за девизи, со цел да не дозволи апрецијација на курсот на денарот, откупи 46.6 милиони САД долари. Во текот на четвртиот квартал од годината, заради вообичаено повисоката побарувачка за девизи во овој период од годината, Народна банка главно интервенира на страната на понудата преку продажба на девизи на девизниот пазар, која продажба е далеку помала од извршениот откуп во третиот квартал.
Основно, на кое сакаме да обратиме внимание е дека Народна банка ги одржува девизните резерви на ниво од четиримесечна покриеност на увозот на стоки и услуги, за што добива поддршка и признание преку склучувањето и продолжувањето на аранжманите со ММФ. Со ваквото ниво на девизни резерви, се обезбедува комодитетот при интервенциите на девизниот пазар и одржување на девизната ликвидност на земјата, како и стабилен девизен курс.
Со цел запознавање на јавноста, посочуваме дека Народна банка со реформите на девизниот пазар од почетокот на оваа година, своето учество и учеството на комерцијалните банки на девизниот пазар како и котираните и реализираните курсеви секојдневно ги објавува на транспарентен начин на својата интернет станица: www.nbrm.gov.mk. На овој начин субјектите секојдневно можат да се информираат за котираните курсеви со кој комерцијалните банки и Народна банка како активен учесник на истиот, се јавуваат и тргуваат. Ваквиот транспарентен и секојдневен начин на функционирање на девизниот пазар даде извонредни резултати во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и намалување на разликите во курсевите на пазарите кај комерцијалните банки. Народна банка преку своите интервентни курсеви настојува да го стимулира тргувањето со девизи помеѓу комерцијалните банки и да интервенира во крајна инстанца во колку постои неусогласеност на глобалната понуда или побарувачка за девизи.
Во оваа прилика, Народна банка сака да ја информира јавноста дека и покрај високиот дефицит во стоковната размена на земјата со странство, во банкарскиот сектор постои висока девизна ликвидност како резултат на другите трансакции на земјата со странство. Имено, за Република Македонија е карактеристично дека нето приливите врз основа на менувачко работење, како и другите девизни приливи кои не произлегуваат од стоковната размена, се движат од 65% до 70% од дефицитот на стоковната размена.
Кабинет на Вице-гувернер
Емилија Нацевска