На 8.1.2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на декември, со осврт и на годишните движења во 2012 година, најновите макроекономски движења во домашната економија и ликвидноста во банкарскиот систем
Скопје, 9.1.2013 година
На 8.1.2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на декември, со осврт и на годишните движења во 2012 година, најновите макроекономски движења во домашната економија и ликвидноста во банкарскиот систем.
На глобален план се забележани позитивни пазарни движења во евро-зоната, што се должат главно на мерките на ЕЦБ (објавувањето на механизмот за неограничено купување државни хартии од вредност, под условите предвидени согласно со одредбите на механизмите за обезбедување финансиска помош) и одлуките донесени од претседателите на европските држави (отпочнување на проектот за формирање банкарска унија, утврдување полабава временска рамка за фискална консолидација во Португалија и Шпанија, одобрување кредитна линија во износ од 100 милијарди евра за докапитализирање на шпанските банки и репрограмирање на јавниот долг на Грција кон крајот на ноември). Во таква констелација на настаните, може да се заклучи дека иако 2011 година заврши со висока неизвесност за иднината на евро-зоната, во 2012 година беа преземени активности коишто ги зајакнаа врските и во значителна мера го намалија ризикот од раздвојување на монетарната унија.
На домашните финансиски пазари, во декември, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити забележа умерен месечен раст. На годишна основа, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше повисок за 32%, поради зголемената трговска активност со депозити со рочност подолга од 1 ден, во периодот на примена на новата оперативна рамка. На девизниот пазар, во декември, повторно беа забележани поволни движења. Така, во услови на повисока понуда на девизи, банките во трансакциите со клиентите остварија нето-откуп на девизи. Високата понуда од клиентите се пренесе и на меѓубанкарскиот пазар, при што во декември беше остварен највисок месечен промет во текот на 2012 година. Во такви околности, Народната банка оствари откуп на девизи од банките-поддржувачи.
Воедно, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беа разгледани и најновите макроекономски движења. Притоа, беше утврдено дека во периодот од последната аукција на благајнички записи досега, движењата во македонската економија, гледано од аспект на монетарната политика, и натаму се релативно поволни. Имено, продолжи трендот на релативно поволни движења кај инфлацијата и девизните резерви. Податоците за инфлацијата за декември покажуваат понатамошна стабилизација на ценовното ниво. Просечната инфлација за целата година е во рамки на проекциите, додека годишниот раст на цените во декември е понизок, во споредба со претходните очекувања. Ваквата динамика на домашните цени упатува на постепено смирување на инфлациските притисоци и намалување на ризиците околу идната инфлација. Имајќи ги предвид сегашните претпоставки, последните оцени покажуваат дека инфлацијата во 2013 година би била пониска од претходно очекуваната. Поволниот девизен пазар во декември овозможи повисок раст на девизните резерви, во споредба со очекувањата, покажувајќи подобра појдовна позиција на девизните резерви на крајот на годината во однос на очекувањата. Се очекува дека поволните движења кај девизните резерви ќе продолжат и во текот на 2013 година, при што тие и понатаму ќе се одржуваат околу адекватното ниво. И покрај подобрувањето на состојбата во третото тримесечје, активноста во реалниот сектор е релативно слаба и укажува на отсуство на притисоци врз инфлацијата и девизните резерви преку побарувачката. Кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и понатаму е присутна, но сепак банките покажуваат воздржаност за поголемо кредитирање. Најновите податоци за кредитниот пазар покажуваат понатамошно забавување на кредитниот раст.
Во услови на намалени инфлациски ризици, поволни движења кај девизните резерви, бавно закрепнување на реалниот сектор и забавување на активноста на кредитниот пазар, на оваа седница на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, со што ќе изнесува 3,5%, како и каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, од 2% на 1,75%. Во согласност со проектираното ниво на ликвидност, Комитетот одлучи на аукцијата да се понудат благајнички записи во износ од 24.500 милиони денари, што претставува пониско ниво од достасаниот износ (26.000 милиони денари). Се очекува дека понатамошното олабавување на монетарната политика ќе придонесе за олеснување на кредитните услови и поголема економска активност.
Евентуалното влошување на глобалниот економски амбиент, како и неизвесноста околу преносните ефекти врз инфлацијата во наредниот период сè уште се главните ризици за макроекономските движења во претстојниот период. НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и доколку е потребно, ќе реагира преку монетарната политика со цел да ја задржи макроекономската стабилност и да ги исполни монетарните цели.